За секој случај мора да има паравојска! Руски млади се обучуваат во “воен камп” на ултранационалистите

од desk3
92 прегледи

Внатре во шумите во околината на Москва ненадејни експлозии креваат на небото јато птици, се слуша силен тресок. Десетина мажи, облечени во воени облека, се искачуваат на напуштена кула со калашникови на грбот.

Тоа е “воен камп” организиран од ултранационалистичкиот евроазиски младински сојуз (Евразийский Сојуз молодежи), познат по кратенката ЕСМ – младинскиот огранок на т.н. евроазиско движење. Слични кампови се множат во Русија и се во духот на целокупната политика на Кремљ за “патриотско воспитување”, за што во последниве години Владата додели повеќе средства.

5a375f1cc03eaa12c498e087c83d9a21

Камповите на ЕСМ служат како центри за подготовка на волонтерите, кои се бореа рамо до рамо со поддржани од Русија сепаратисти во источна Украина, и сега создаваат нова генерација обучени борци. “Се наоѓаме во ситуација кога НАТО се доближува до нашите граници, и денес младите треба да бидат обучени за да ги спречат ваквите напади”, вели водачот на ЕСМ Антон Брјусов.

Националистите го сметаат Западот за свој главен непријател, но некои се незадоволни од начинот на кој претседателот Владимир Путин се справи со војната во Украина, и се убедени дека тој не направил доволно. “Војната со Украина е неизбежна, но засега сме направиле само половина од работата”, вели лидерот на евроазиското движење Александар Дугин. ” Се обединивме со Крим, треба да дадеме помош на Новорусија, но не сме ја слободиле Новорусија”, додава тој.

Националистите веруваа во т.н.. проект за Новорусија кој цели да откине дел од традиционалната рускоговоречка Источна Украина и да ја приклучи кон Русија. Наместо тоа конфликтот доведе до создавање на два сепаратистички проруски региони во Донецк и Луганска кои сепак официјално остануваат дел од Украина.

А сепак, иако се незадоволни од политиката кон Украина, голем дел од националистите сепак го одржуваат овој режим, вели Андреј Колесников, експерт за руска внатрешна политика во московскиот Центар “Карнеги”. “Генерално националистите кои се малку или многу рационални, се за Путин. Оние кои се навистина радикални, се против Путин, бидејќи тој не ја заврши работата во Донбас”, вели тој и додава: “Ако тие одат премногу далеку и се претворат во реална закана за режимот, нивната активност ќе биде прекината “.

Екстремнодесничарскиот политички идеолог Дугин, кој е тесно поврзан со Кремљ, го објаснува пристапот на Путин кон ситуацијата во Украина со политичките реалности – западниот притисок и економските санкции. “Ме нервира бавноста на Путиновите реформи”, вели Дугин од телевизиското студио кое се наоѓа сосема блиску до Црвениот плоштад. “Кога се колебаме, ние губиме; кога правиме решителни чекори, победуваме”, нагласува тој.

Дугин негира дека е под контрола на Кремљ и тврди дека Кремљ ја смета ЕСМ за “опасна сила, која тие не можат да ја раководат или кормиларат, бидејќи ние строго се држиме до својата идеологија”. Сепак студии на Центарот за политички и економски реформи покажуваат дека во периодот 2013-2015 година ЕСМ добивал претседателски грантови во вкупна вредност од над 18,5 милиони рубљи (околу 300 илјади долари).

Недалеку од местото на “воениот камп” на ЕСМ во шумата има друг камп за обука, предводен од 25-годишниот Сергеј Андреев – основач на малата крајнодесничарска младинска група “Десничарски анархисти”. За разлика од другите млади луѓе тој не го поддржува претседателот Путин.

“Путин е како сите други лидери во современиот свет. Тој само сака да трупа пари и богатства, за да живее подобро неговото семејство”, вели Андреев, додека го чисти својот калашникпв. Зад него крај камперскиот оган се вее знамето на “Десничарските анархисти” – череп со вкрстени коски. “Зад него нема големи идеи. Тој ги користи за да ги прикрие политичките манипулации.”

Бројот на десничарските активисти како него, кои отворено се изјаснуваат против Путин, е мал и едвај нивното незадоволство е голема закана за Кремљ.

“Режимот на Путин делумно е крајнодесничарски и ултранационалистичките. Меѓутоа Путин ќе ја уништи секоја ултранационалистичка сила која не е лојална кон Кремљ”, тврди Антон Шеховцов, експерт за екстремната десница, кој детално го следи текот во последната деценија на настапите на Дугин и неговите следбеници. “Ако тоа не им е од корист, тие ќе ги забранат, ќе ги разбијат или ќе ги стават нивните лидери во затвор”, вели тој.