Во денешната емисија „24 Анализа“, пратениците Миле Талевски од СДСМ и Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ ја изнесоа својата позиција околу предлог-законот за помош на семејствата на жртвите и повредените во трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани.
Талевски од СДСМ истакна дека законската иницијатива има за цел брзо и конкретно да им помогне на семејствата кои ги загубиле своите најблиски и на повредените лица. „Жалам што ВМРО-ДПМНЕ не успеа да излезе од теснопартиските интереси и да го поддржи овој закон. Ние уште од почетокот кажавме дека ќе го поддржиме без оглед кој го предложил, бидејќи целта е да се обезбеди финансиска помош — 80.000 евра за семејствата кои загубиле блиски, како и финансиска поддршка од милион ипол до пет милиони денари за повредените, во зависност од степенот на инвалидитет“, рече Талевски.
Тој додаде дека законот предвидува и помош во делот на работните обврски, со шест месеци платен одмор за најблиските на настраданите, со цел полесно справување со последиците од трагедијата.
Од друга страна, Лефков од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше предлог-законот, наведувајќи дека со него се нормализира корупција и се создава „перверзен преседан“. „Жртвите се резултат на кривично дело и системска корупција која ја оставивте вие. Законот треба да биде усогласен со Уставот и постоечките правни норми. Овој закон, кој го предлагаат Оливер, Венко и останатите од СДСМ, претставува обид за политичко пентирање“, изјави Лефков.
Тој додаде дека прашањето на надомест на штета е регулирано преку судска постапка и постојните закони, како што се Законот за облигациони односи и Законот за жртви од кривични дела.