За вакцинација против сезонски грип досега пријавени 58 012 граѓани, вакцинирани над 29.000

од Radmila Tasevska

За бесплатна вакцинација против сезонски грип досега се пријавени 58 012 граѓани. Во центрите за јавно здравје и здравствените домови континуирано се врши имунизацијата против сезонски грип и досега се вакцинирани над 29 000 граѓани, информира Министерството за здравство.

Со бесплатна вакцинација се опфатени ризични групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.

Заинтересираните може да се пријават за бесплатна вакцинација со пополнување на апликацијата на веб-страницата vakcinacija.mk, а потоа преку СМС-порака ќе добијат повратна информација за  датум, час и место за вакцинација.

-Со цел да се обезбеди заштита кај поголем број лица од сезонски грип, оваа година Министерството за здравство ја зголеми количината на купени вакцини, при што се купени 60 000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип наменети за бесплатна вакцинација, наведува Министерството за здравство.

Посочува и дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи.

Слични содржини