Ковачевски со поддршката за Талат Џафери да биде премиер го потврди она кое што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше изминатите години, а тоа е дека тој е спремен да прифати се што им нуди ДУИ и Ахмети, само за да продолжат матните бизнис зделки и криминал, порачаа утрово од ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ја одлуката досегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери да биде кандидат за нов технички премиер во Пржинската влада.
Според најголемата опозициска партија, од Џафери не може да се очекува спроведување на фер и демократски избори, бидејќи како што велат, од функција на претседател на Собранието, ги прекршуваше Деловникот и процедурите, заклучуваше врата од пленарна седница за да не се пријават други пратеници за збор и со тоа ја прекрши демократијата.
Во партиското соопштение меѓу другото стои и дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети е „стопан, премиерот Ковачевски го нарекуваат „слуга“, а Џафери „недостоен за функцијата премиер“.
Полека се цртаат политичките контури – предлогот Јован Митрески да биде нов претседател на Собранието. Ова следува откако интегративците предложија, актуелниот спикер Џафери, да биде технички премиер во преодната владата за спроведување на изборите.
Портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи пред два дена изјави дека следната мисија на владеачката партија е претседател на државата. За неговата партија, назначувањето на Џафери за технички премиер е историски чекор ама од партијата на Али Ахмети, фрлаат око и на претседателката фотелја за шеф на државата.
-Кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието, се направи вистински пуч. Но, кога беше избран по втор пат, тоа веќе не беше новост бидејќи беше скршен монополот за Албанец да биде претседател на Собранието. Вториот монопол е на претседателот на државата, но тоа е следната мисија на ДУИ, рече Османи од Чаир.