За ВМРО-ДПМНЕ, Фрчкоски е скандал мајстор

од Nikola Popovski

„Уште еден пораз на земјава донесен од Заев. Љубомир Фрчковски не може да биде амбасадор на земјава во САД особено што има портфолио на тепач на жени и е лустриран соработник на државните служби. На ранг на дипломатски скандал е што владата мислеше дека домат дипломатијата на Заев – Димитров може да направи пробив со скандал мајстор како Љубомир Фрчковски. Уште поскандалозно е што Заев останува во потрага по нова функција на Фрчковски кој очигледно не е подобен за амбасадор. Освен Заев што се брука во земјава се брука и надвор од државата“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на пишувањата на одредени медиуми дека САД одбиле да го прифатат Љубомир Фрчкоски за амбасадор во Вашингтон.

Според партијата, Заев е магнет за неспособни кадри.

„Љубомир Фрчковски беше министер за внатрешни работи кога се случи нерасветлен атентат на претседателот Киро Глигоров и кога на големо се случуваше шверц на цигари и нафта. Со неговото име се врзуваат сите скандали од транзицијата од чие време потекнува и кариерата на аболираниот криминалец Зоран Заев. Со ова се покажува несериозниот однос на земјава кон најсериозните дипломатски прашања“, се вели во дописот.

Од МНР или Владата се уште нема никаква информација по ова прашање.

„Во следните денови се очекува владата да го повлече предлогот за номинација на Фрчкоски за македонски амбасадор во Вашингтон“, напиша поранешниот министер и член на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил.

Според него, ова ќе биде последица на реакциите од страна од стратешкиот партнер кои пред неколку дена по дипломатски пат стигнале директно и до премиерот Зоран Заев, со прашање дали е сигурен дека Фрчковски би можел да добие НАТО безбедносен сертификат, што е предуслов за размената на строго доверливи информации на највисоко државно ниво.

Фрчковски е универзитетски професор, а од неодамна го напуштил Правниот факултет на УКИМ и сега е ангажиран на приватниот универзитет ФОН.

Слични содржини