Марија Андоновска од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бара систем и протоколи кои ќе се применуваат и власт која ќе знае да ги спроведе, коментирајќи ја денешната ковид-статистика.
„Поразителни резултати, 30% од тестираните во текот на изминатото деноноќие се заразени со КОВИД 19, полицискиот час нема ефект“, вели Андоновска.
Според неа, вакцинацијата која до сега требаше да биде во напредна фаза не е ниту почната за оние кои што сакаат да бидат вакцинирани.
„Филипче најавуваше вакцинација во февруари, сега сме крај на март, а вакцини нема. И сето ова ни се случува додека во регионот и светот масовно се вакцинира“, изјави Андоновска на прес-конференција.
Министерството за здравство информира дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 1.682 тестирања, а регистрирани се 457 нови случаи на КОВИД-19.
Пријавени се вкупно 30 починати лица, на возраст од 50 – 84 година и тоа: 8 пациенти од Скопје, од Прилеп – 6, од Битола и Охрид – по 3 починати, од Кочани и Демир Капија – по 2 и по едно починато лице е пријавено од Куманово, Тетово, Велес, Струга, Неготино, и Радовиш. Сите пријавени се починати во болнички услови.