Од ВМРО-ДПМНЕ утрово излегоа со соопштение во кое велат дека „излезе на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците“. Оттаму појаснуваат дека откако се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранковиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40%, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи.
„Во стил на инфлуенсер, Трендафилов објави статус со фотографија како седи сам во празните простории на синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левица.
Ваквото однесување на Трендафилов, не е ништо друго освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е владата. На него никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левица.
Оттука се јавува потреба да се постави прашањето, дали СДС и Левица му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат од партијата, потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образование, здравство, полиција, одбрана, социјала и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
„Исто како што збор не изусти за ценовните шокови во време на власт на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50% и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години на власт на СДС, се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од министерството за финансии. Тоа значи, СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување на колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели“, стои, меѓу другото, во партиското соопштение.
Сојузот на синдикати на Македонија денеска во 11 часот ќе достави иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица. Ова го означува стартот на втората фаза на активностите што ги најави синдикатот. Минимална плата 600 евра е барањето со кое ССМ најави дека на 10 февруари ќе го блокира пристапот на пратениците до Собранието, порачувајќи дека блокадите се продолжение на протестите за повисоки плати и притисок за откочување на предлозите за работничките примања.