За возење од 1,5 километри, ѝ наплатиле 1.506 евра – такси фирмата вратила дел од парите

Возењето во центарот на Загреб сепак ја чинело 156 евра.

од desk2
36 прегледи

На Новозеланѓанката Керол Кауан, таксист во Загреб ѝ наплатил 1.506 евра за возење од Главната железничка станица до Франкопанска улица, што е растојание од околу 1,5 километри. Тоа се случило во мај, а исповеста на жената допре до јавноста вчера, известува хрватски „Индекс“.

За овој портал, сопственикот на такси фирмата со чиј ПОС уред на Новозеланѓанката ѝ била наплатена астрономската сума, потврдил дека на жената ѝ е вратен дел од парите.

 

Кратко возење – брзо отчукување на таксиметарот

Керол во Хрватска стигнала на 20 мај, а на 26 мај пристигнала во Загреб. Решила да фати такси. Според неа, забележала редица автомобили, и тогаш ѝ се обратил висок маж што бил потпрен на темен автомобил и ја поздравил со „Хелоу“.

Ја зачудило тоа што мажот знаел оти таа зборува англиски. Го прашала дали е такси, оти на автомобилот немало никакви ознаки,а тој одговорил потврдно.

Го прифатила возењето, иако возачот барал да му плати со готовина, а таа со себе имала 65 евра. Набргу забележала дека таксиметарот покажува сомнително висок износи – првин 42, потоа 85 евра.. Кога рекла дека не може да си дозволи да го плати возењето и замолила да застане за таа да се симне, возачот рекол дека на дестинацијата ќе ги чека неговиот шеф со уред за наплата од картички.

Кога стигнале во Франкопанска улица, таксиметарот покажувал 185 евра, а возачот ѝ рекол дека ќе ѝ наплатат само 150 евра, по што дошол другиот маж со ПОС уредот. Керол го внела пинот, но подоцна видела дека од картичката ѝ се повлечени 1.506 евра. Слип и сметка не добила.

Поради неочекувано високиот трошок, ги откажала сите планови и непланирано итно се вратил во Нов Зеланд.

 

Сопственикот вратил 1.350 евра

За „Индекс“ сопственикот на такси фирмата вели дека на Кауан и се вратени 1.350 евра од 1.506 евра. Тоа изнесува 156 евра, односно грубо земено – на секои 10 метри, таксиметарот отчукувал по едно евро.

„Не ја возев јас, ја возеше друг таксист, кој нема уред за картички. Ме повика и праша дали може да му го позајмам мојот. Врнеше дожд, не гледав што човекот пишува во апаратот“, вели сопственикот, тврдејќи дека не знае дека станува збор за толку голем износ.

Слични содржини