Повеќе од една година по избувнувањето на пандемијата на коронавирус, Светската здравствена организација (СЗО) побара од сите земји да ги затворат пазарите на кои се продаваат животни.
Според светските медиуми, од државите се бара да воведат целосна забрана за продажба на живи животни на традиционалните пазари, со цел да се спречи појавата на нова пандемија како што е Ковид-19.
Во соопштението на Светската здравствена организација се повикуваат владите да ја прекинат трговијата со заробени диви животни, особено цицачите.
СЗО вели дека, иако традиционалните пазари на храна имаат централна улога во обезбедувањето храна за големо население, забраната за продажба на живи диви животни може да го заштити здравјето на работниците и клиентите на пазарите.
Истакнато е дека некои од најраните познати случаи на корона биле поврзани со пазарот на големо на традиционална храна во Вухан, Кина, каде што првите пациенти заразени со вирусот корона биле сопственици на тезги, вработени на пазарот или редовни посетители, пренесува британски „Гардијан“
Привремените упатства беа развиени заедно со Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) и Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП).
„Упатствата ги повикуваат земјите да ја прекинат продажбата на заробени живи диви животни на пазарите со храна како итна мерка“, соопшти СЗО.
„Животните, особено дивите животни, се извор на повеќе од 70 проценти од сите нови заразни болести кај луѓето, од кои многу се предизвикани од нови вируси. Особено дивите цицачи претставуваат ризик за нови болести“, додаде СЗО.