Забрана за влез на Ковачев: „Македонија постапи правилно, Вархеји веќе има неколку непринципиелни изјави за нас“

од Nikola Popovski
838 прегледи

Силни осуда и негативни реакции од Брисел предизвика забраната за влез на европратеникот Андреј Ковачев во земјава. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, лидерот на Европската народна партија Манфред Вебер и претседателката на Европската комисија, Роберта Мецола го оценија случајот како преседан. Порачаа дека ќе побараат јасно и официјално објаснување од македонските власти. Самиот европратеник се огласи во повеќе наврати и побара извинување од нашата земја. Се отиде дотаму што се зборува и за евентуално ново вето и дека ваквиот исход на настаните ќе влијае на преговорите на нашата земја за членство во ЕУ.

Марјан Ѓорчев

Колку е ова веројатно и дали треба Македонија да се плаши од одлуката на МВР во саботата 6-ти мај, поразговаравме со поранешниот македонски амбасадор во Бугарија и поранешен министер, Андреј Ѓорчев. Според него, ова нема да влијае на преговорите за членство, затоа што како вели Ѓорчев, Ковачев е еден од оние јуришници кои заедно со Каракачанов и Џамбаски даваше најсмели изјави за начинот на кој е создадена нашата држава и нашето историско минато.

-Такви провокативни изјави не долиикуваат на две соседни пријтелски држави. Без разлика што е европратеник, неговите изјави во континуитет се веќе непријателски и нецивилизациски. Нашата држава постапува принципиелно, ги има нотирани луѓето кои не навредуваат и се однесуваат неевропски кон нас. На некој начин спречуваат понатамошни инциденти, рече Ѓорчев за „Локално“.

Поранешниот амбасадор информира дека веќе има присуствувано на оддавањето почит на гробиштата во струмичко каде што се погребани загинатите бугарски војници.

-Знам дека на тие бугарски воени гробишта кај Ново село треба да се одржи еден пристоен говор за сите тие што се загинати на македонска почва, а не да се аспируваат сцени од минатото и иредентистички изјави и не се во европски дух. Оваа одлука е исправна и покажува македонска цврстина дека нема да дозволиме во иднина вакви нешта. Македонија има свој вредносен систем кој што си го брани, дециден е соговорникот.

Околу осудата од Европскиот парламент и Европската комисија, Ѓорчев вели дека Вархеји многу пати има направено неколку гафови во однос на нашето чекорење кон ЕУ и дури и дадено непринципиелни изјави.

-Без разлика што тие се европски претставници, ние не смееме тие да го прекршуваат владеењето на правото и европското аки, со недостојни изјави кон било која држава. Ние сме кандидат членка од 2005 година и оттогаш чекориме кон ЕУ. Мецола и Вархеји имаат право да си го искажат мислењето, но нашиот пат кон Унијата е наш и автентичен. Не е битно дали некој официјален челник смета дека нашата постапка е правилна, битно е дали ние со постапката ја заштитуваме македонската држава, потенцира Ѓорчев.

Појаснува дека како земја мораме да се свртиме кон нас самите.

-Тоа што е треба да го направиме како задача да го испорачаме кон Европа и дури тогаш да побараме да кажат дали добро или лошо сме завршиле. Не треба воопшто да не загрижува што мислат за нас во однос на ова, ни рече поранешниот амбасадор.

Ѓорчев ги коментираше и обвинувањата на европратеникот дека Македонија со забраната за влез „останува на оската Скопје-Белград-Москва“.

-Би сакал да му порачам на Ковачев дека ако некој има врски со СССР, тогаш тоа беше Народна Република Бугарија, која долги години беше дел од Варшавскиот пакт и еден период сакаше да стане дел од СССР. И ден денес 50% од населението во Бугарија се определуваат како симпатизери и припадници на режимот во Русија. Од сите анкети кај нас се знае дека македонскиот народ нема контакт со Русија. Бугарската и ден денес има контакт со Русија и увезува руски гас. Ковачев треба да се запраша и да знае дека руска чизма на македонската територија никогаш не стапнала, заклучува Ѓорчев.

Н.П

Слични содржини