Забраните на тутунските производи отвораат пат за нелегалната трговија, штетите за државите се бројат во милиони евра

Нелегалната трговија со цигари и други никотински производи е реален проблем со кој се соочуваат развиените земји кои имаат рестриктивна законска регулатива која во голема мера ја ограничува или целосно ја забранува продажбата на производи кои содржат никотин

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: AI

Нелегалната трговија со цигари и други никотински производи е реален проблем со кој се соочуваат развиените земји кои имаат рестриктивна законска регулатива која во голема мера ја ограничува или целосно ја забранува продажбата на производи кои содржат никотин. Сериозни предизвици имаат Франција, Ирска, Австралија, Холандија, Белгија, Данска и други земји низ светот кои по воведување на ограничувањата и забраните со соочуваат со голем пораст на црниот пазар на забранетите производи, како и со фалсификувани никотински производи без доказ за потеклото и квалитетот кои се сериозен ризик за потрошувачите.

И Македонија е соочена со предизвикот на нелегалната трговија, која засега не е во обемот на земјите со исклучително рестриктивна законска политика. Но, Министерството за здравство подготви токму такво законско решение со рестриктивни мерки кои би можеле да го имаат истиот ефект врз сивата економија и нелегалниот пазар на тутунски производи, како што се јави во земјите од ЕУ.

Според грубата проценка на објавите на Царинската управа и надлежните инспекторати за запленети нелегални цигари и никотински производи, само во минатата година биле запленети над 230.000 парчиња цигари, повеќе од 260 килограми тутунски производи, над 4.800 пакувања никотински ќесички, како и голем број фалсификувани електронски цигари и други уреди. Податоците што ги споделија Групацијата за производство на цигари и Здружението на производители на тутун при Стопанската комора на Македонија покажуваат дека сивата економија во овој сектор кај нас веќе достигнува 13–14 отсто од пазарот, со неконтролирана продажба, небезбедни производи, прекугранично снабдување и сериозни загуби за буџетот.

Ако се направи груба пресметка според пазарната вредност на запленетата стока, се доаѓа до сума од над 80.000 евра. Но, тоа е само вредноста на откриениот нелегален промет. Во практиката на царинските служби се смета дека запленетите производи претставуваат само мал дел од реалниот нелегален пазар, односно тие изнесуваа од 5 до 20 отсто од реалната нелегална трговија. Ако се земе некоја средна вредност од 10 отсто откриени и запленети нелегални тутунски производи, тогаш проценетата вредност на нелегалниот пазар би била околу 800.000 евра годишно. Бидејќи даноците учествуваат со околу 60 до 70 отсто во цената на цигарите и никотинските производи, значителен дел од вредноста на нелегалниот пазар претставува директна загуба за државниот буџет. Ако се земе просек од 65 отсто јавни приходи од даноци и акцизи, тогаш загубите за државата изнесуваат најмалку 520.000 евра, односно повеќе од половина милион евра годишно. Познавачите на индустријата велат дека реално, оваа бројка е најмалку три пати повисока.

Искуствата од повеќе развиени држави покажуваат дека големите ограничувања или целосните забрани на никотински производи доведуваат до нагло зголемување на нелегалната трговија. Такви изразени примери се забележуваат кај Франција, Ирска и Австралија, земји во кои по воведувањето на строги забрани се соочија со пораст на нелегалниот пазар, кој се проценува на 25 до 60 отсто од вкупната потрошувачка на тутун, а загубите за државите достигнуваат и до над 11 милијарди долари годишно.

Холандија има проблем да се справи со напливот на фалсификувани никотински производи на пазарот откако лани ја забрани продажбата на никотински ќесички и електронски цигари со вкусови и ароми, мерка што планира да ја воведе и Македонија со новиот закон за заштита од пушење. Само во првите три месеци од воведувањето на забраната, холандските власти заплениле над 185.000 нелегални електронски цигари без доказ за потеклото и квалитетот, а со слични проблеми се соочува и Данска, која воведе забрана за никотински производи со ароми во 2024 година. Веќе следната година, данските служби во една акција запленија 12.000 нелегални ароматизирани никотински производи наменети за продажба на данскиот пазар.

Според европските анализи, Македонија според официјалните бројки сѐ уште има релативно низок удел на нелегален пазар. Но, искуствата од другите земји покажуваат дека наглите забрани, драстичните ценовни разлики и силните ограничувања на легалниот пазар може брзо да доведат до пораст на нелегалниот пазар на 20 до 50 отсто од потрошувачката, а државата да губи повеќе милиони даночни приходи. Рестриктивните мерки, како што се драстичното намалување на местата за продажба, воведување целосна забрана на изложување на производите или забрана за одредени видови производи би можеле да имаат повеќекратно негативно влијание врз целокупната економија.