„Иницијативата Отворен Балкан има политичка основа и насока, а тоа е ЕУ. Политичката цел на Отворен Балкан е сите земји од Западен Балкан да станат членки на ЕУ. Нема друга идеја, визија или цел“, изјави Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан во Владата на Северна Македонија на конференцијата „Регионални иницијативи на Западен Балкан – шанси и заблуди“, организиран од Центарот за граѓанско образование од Подгорица во Црна Гора.
Тој додаде дека иницијативата Отворен Балкан е комплиментарна со Берлинскиот процес и процесот на интеграција во ЕУ, бидејќи е иницијатива која ги промовира европските слободи.
„Отворен Балкан има опипливи резултати, препознаени од граѓаните и бизнис секторот. Поддршката за иницијативата на анкетите е 70 отсто, меѓу сите различни демографски групи. Имаме скоро национален консензус за оваа иницијатива. Нема друга политика во Северна Македонија која има поголема поддршка од Отворен Балкан“, рече Забрчанец.
Отворен Балкан од почетокот и ден-денеска е максимално инклузивен процес за сите засегнати страни и остана отворен и за другитре земји од Западен Балкан, потенцираше Забрчанец, и постојано инсистира на принципот „И-И“, отколку на принципот „Или-Или“ во вклучувањето на останатите земји и во имплементирањето на политики од полза на сите граѓани од регионот.
Тој додаде дека преку иницијативата Отворен Балкан – Северна Македонија, Србија и Албанија си помагаат за полесно надминување на актуелните и сите идни кризи.