Забрчанец: Со единствен економски простор, Македонија како една од помалите држави во регионот имаше и би имала многу поголем бенефит по глава на жител споредено со Албанија и Србија

„Единствен економски простор е можен само со силна политичка и економска посветеност на државите од регионот, а во моментов барем од македонска страна не се забележува никаков интерес или иницијатива“, вели поранешниот национален координатор за „Отворен Балкан“, Забрчанец за „Локално“

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Фејсбук

„Единствен економски простор е можен само со силна политичка и економска посветеност на државите од регионот, а во моментов барем од македонска страна не се забележува никаков интерес или иницијатива на таа тема, иако Македонија како една од помалите држави во регионот имаше и би имала многу поголем бенефит по глава на жител споредено со Албанија и Србија“, вели во анализа за „Локално“, поранешниот Национален координатор на Владата за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец, по барањето на Српската стопанска комора за формирање совет на министерско ниво, на ниво на шефови на држави на земјите од Западен Балкан, кој ќе стане дел од единствениот пазар на Европската Унија што е можно поскоро и пред полноправно членство.

Забрчанец тврди дека стопанските комори заедно со владите на Македонија, Албанија и Србија во периодот 2019-2024 беа моторот на иницијативите и проектите на Отворен Балкан. Според него, иницијативата престана да создава нови проекти поради ескалацијата на конфликтот Србија – Косово, поради обидот на Албанија да му даде шанса на Берлинскиот процес, како и поради падот на владата на СДСМ во Македонија и незинтересираноста на новата Влада.

-Иако граѓаните во трите држави даваа мнозинска поддршка од 70-80% за Отворен Балкан, сепак регионалните и домашните политички случувања не дозволија иницијативата да создава нови проекти. Сепак, позитивното во прикзната беше што до средината на 2024 веќе беа активни и успешно функционираа повеќе проекти кои носеа директен бенефит за граѓаните и фирмите. Беа воведени зелени ленти за транспортерите на стоки и производи за брз проток на премините Ќафасан и Табановце, со што се олеснија и забрзаа врските и мобилноста меѓу трите држави, беа усогласени М-ТАГ системите за електронско и бесконтактно преминување на патарините и се воведе единствен пазар на труд односно укинување на работните дозволи меѓу трите држави, оценува Забрчанец.

Соговорникот посочува дека ова беше препознаено како успех и од Берлинскиот процес, па еден од приоритетите беше зелените ленти за превозниците да се активираат на границите на сите шест држави од Западен Балкан. Забрчанец е дециден дека „Отворен Балкан“ беше иницијатива која директно водеше кон формирање „единствен заеднички економски простор“ на Западен Балкан со цел регионот да стане поконкурентен за привлекување големи инвестиции и со цел граѓаните и фирмите полесно да ги движат своите услуги, стоки и производи. 

-За жал, новата македонска Влада веќе година и половина не покажува никаква нова своја иницијатива на тема Отворен Балкан или за регионално економско поврзување, истакнува поранешниот национален координатор, додавајќи дека реалноста вели како „граѓаните и фирмите го поддржуваа, а властите се откажаа од Отворениот Балкан“.

Дополнително, додава Забрчанец, од граѓани и компании стигаат известувања дека е дури и забавена и нецелосна имплементацијата и на постоечките проекти за кои како држава сме потпишале меѓународни договори.

-Постојат информации дека меѓусебното признавање на лабораториските инспекции на Ќафасан не функционира и дека камиони чекале со часови и денови и покрај постоечката зелена лента за Отворен Балкан. Од друга страна постојат информации дека не се почитуваат ни роковите за издавање сертификати за слободен пристап до пазарот на труд меѓу трите држави, проект кој низ својата имплементација покажа дека Македонија повеќе привлече отколку што одлеа работна сила. Оттука, се поставува прашањето: кому и зошто пречат придобивките од проектите на Отворен Балкан, прашува Забрчанец.

Пред неколку дена, Марко Чадеж, претседател на Српската стопанска комора (ПКС) во пресрет на церемонијата на отворање на 100-от Меѓународен економски саем и конференција EXPO во Сараево, изјави: „Немаме повеќе време – дојде моментот кога треба да размислиме дали ќе преживееме или ќе исчезнеме како економија, бидејќи ова е клучен момент за брзо создавање единствен економски простор на Западен Балкан“.

Како што истакна, „мора да зборуваме со еден глас, без оглед на тоа дали сме повеќе Срби, повеќе Бошњаци, повеќе Хрвати, повеќе Албанци, бидејќи тоа нема да ни помогне да го надминеме претстојниот предизвикувачки период ако не седнеме заедно и не создадеме заеднички политики“.

„Отворен Балкан“ е регионална иницијатива создадена од Македонија, Србија и Албанија која е посветена на обезбедување услови за практикување на четирите европски слободи за што е можно повеќе граѓани и компании на Балканот. Две години откако започна под името „Отворен Балкан“, иницијативата беше завршена од нејзиниот главен поддржувач, албанскиот премиер Еди Рама, кој барем така изјави пред две години.

„Во октомври, Албанија првпат го чека Самитот на Берлинскиот процес на Балканот, во Тирана. Се разбира, Берлинскиот процес сега е нашиот главен фокус. Отворен Балкан беше иницијатива која произлезе од потребата да се турка напред Берлинскиот процес и ја исполни мисијата за која е создаден“, рече Рама на 1 јули 2023 година.