Усман Дембеле ќе ја заврши сезоната во Барселона, по што ќе добие нов клуб. Ова се едноставните факти за сагата со Французинот, која се случи во последните недели. Напаѓачот ги блокираше обидите за трансфер преку минатиот прозорец, а претседателот на Каталонците, Жоан Лапорта јасно ги искажа сомнежите дека Дембеле веќе се договорил со друг клуб да се пресели како слободен играч на лето, па затоа сега го одбил трансферот.
Според „Спорт“, Французинот не сакал да ги слушне понудите на Челси, Тотенхем и ПСЖ, причината за тоа е што веќе има преддоговор со друг клуб, кој практично му забранил да преговара за каков било трансфер на крајот на јануари. Лапорта не именуваше конкретен клуб на кој паѓаат неговите сомнежи. Сепак, според „Спорт“ на „Камп Ноу“ сметаат дека Дембеле се договорил или со Јувентус или со Манчестер Јунајтед.
Сега прашање е што ќе биде со напаѓачот во преостанатите месеци до летото кога ќе се знае каде ќе ја продолжи кариерата. Барселона веќе објави дека нема да се потпира на него додека самиот играч не изрази желба да направи се што е во негова моќ да помогне до крајот на сезоната. Сепак, индициите велат дека нема да го гледаме Дембеле во дресот на Каталонците, кои тоа го покажаа и со влезните трансфери направени во последните денови од јануари.