Грција ќе најави задолжителна вакцинација против ковид-19 за работниците и персоналот во одредени сектори како што е здравството, соопшти грчката влада по неодамнешното зголемување на бројот на заразени.
Минатиот месец, државниот комитет за био-етика препорача задолжителна вакцинација на здравствените работници и персоналот во домовите за стари лица „како крајна мерка“ која ќе се користи по одредено време, ако напорите за зајакнување на имунизацијата се покажат како неефикасни, објави „Ројтерс“.
„Владата доби соодветна препорака од Националниот комитет за био-етика во врска со задолжителните вакцини за одредени професионални групи“, рече портпаролката на владата Аристотелија Пелони на денешниот брифинг.
Таа додаде дека најавите треба да се очекуваат следната недела.
Сè уште е нејасно дали ќе бидат вклучени и други групи надвор од здравствениот сектор.