Заедничка богослужба на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан во патријаршискиот храм во Фанар

од Vladimir Zorba
273 прегледи

Откако во четвртокот вселенскиот патријарх г. Вартоломеј на нашиот архиепископ г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство, а вчера наша црковна делегација молитвено присуствуваше на празнична Божествена литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх, утре во патријаршискиот храм во Фанар поглаварите на двете цркви ќе одржат заедничка Патријаршиска и синодална света литургија.

Во обраќањето кон патријархот Вартоломеј, по вчерашната Божествена литургија по повод неговиот именден во вселенскиот Соборен храм „Св. Георгиј Победоносец” во Истанбул, архиепископот Стефан му се заблагодари за прифаќање на нашето апелациско прибегнување и за востановувањето на литургиското општење со нашата Црква.

– Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот Синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на Православната Црква, истакна архиепископот Стефан по Литургијата на која покрај него присуствуваа и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј.

Сега е јасно, додаде г. Стефан, колку Вашето добротворство за нашата Охридска Архиепископија, се покажа, всушност, како Ваш најнов принос пред Сељубивиот Бог – како долично дело за таткото на Православните.

– А ние, скромните Ваши чеда, можеме да Му заблагодариме на Бога, покрај за споменатата милост, ете – и за тоа што сме удостоени да бидеме современици на Вашата личност и на Вашите дела за доброто на Црквата и што ја имаме можноста да се радуваме и да се утешуваме од Вашиот подвиг на „добро стоење”, на автентично последување и себепрегорно, дури до мачеништво, исповедање на канонскиот и свештен поредок на Православната Црква, рече меѓу другото архепископот Стефан по литургијата на која присуствуваа и голем број верници од земјава, кои допатува во Истанбул по повод значајните настани за нашата Црква што деновиве се случуваат во древниот Фанар.

На крајот од богослужбата, епископот антаниски Партениј со неговото братство и сестринство, на вселенскиот патријарх Вартоломеј му подари архиерејска панагија во чест на неговиот именден и во знак на благодарност за признавањето на Охридската Архиепископија.

Слични содржини