Заедничка седница на владите на Македонија и Косово во Приштина

од Nikola Popovski
30 прегледи

Во понеделник во Приштина ќе се одржи заедничка седница на владите на Македонија и Косово, при што ќе бидат потпишани неколку меѓудржавни договори. Како што е најавено, на почетокот ќе се одржи одвоена средба на премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти, а во исто време ќе започнат и средбите на министрите од двете влади.

Се наведува дека заедничката седница на двете влади започнува во 12 часот, додека договорите ќе бидат потпишани во 13 часот и 30 минути.

Како дел од агендата, министрите од двете влади ќе одржат тет-а-тет средби. Тие ќе ги истражат можностите за продлабочување на билатералната соработка во повеќе области, со фокус на конкретни иницијативи кои ќе ги поврзат Македонија и Косово.

По завршувањето на седницата, ќе се потпишат билатерални договори и меморандуми за соработка. Овие документи ќе создадат основа за нови иницијативи, проекти и активности кои ќе ги зајакнат односите помеѓу двете земји.

Седницата ќе заврши со заедничка прес-конференција на премиерите Мицкоски и Курти во 13:45 часот. На неа ќе бидат соопштени резултатите од дискусиите, како и идните чекори за соработка.

Како што соопшти пред неколку дена вицепремиерот Изет Меџити, на средбата ќе биде потпишан Протоколот за заедничките гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце- Глобочица“, односно систем за граничен премин, кој ќе овозможи непречен проток на граѓаните преку само една гранична контрола.

Ќе биде потпишан уште еден договор во областа на енергетиката за рационално користење на природните ресурси и зајакнување на енергетската безбедност, а најавено е дека претставниците на двете земји ќе разговараат и за соработка во областа на образованието.

Слични содржини