На 25 ноември 2022 година, во Охрид се одржа демонстрација на Оперативно-тактичка вежба „ХАРПУН 2022” од страна на припадниците на Специјалната Антитерористичка Единица „Тигар“ од МВР на Република Северна Македонија и Специјалниот одред за борба против тероризмот од МВР на Република Бугарија, во содејство со Одделот за воздухопловни единици при МВР на Република Северна Македонија.
ХАРПУН 2022 претставува приказ на решавање на заложничка ситуација предизвикана од терористичка група од вода, копно и воздух. Ова е втора заедничка демонстрација на вежба од ваков вид за оваа година, а првата се одржа во јуни 2022 година во Софија.
На вежбата присуствуваа министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и заменик министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Венцислав Катинов. Тие истакнаа дека ваквите заеднички активности треба да станат одржлива практика бидејќи придонесуваат за развој и зајакнување на директни и редовни контакти и продлабочување на практично ориентирана интеракција во борбата против терористичките закани. Ова е особено важно имза двете земји, бидејќи како соседни земји и Република Бугарија и Република Северна Македонија се соочуваат со заеднички безбедносни предизвици и тие бараат заеднички напори.
Министерот Спасовски и заменик министерот Катинов остварија и работен ручек на којшто заеднички високо ги оценија односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во областа на внатрешните работи. Двајцата изразија уверување дека активниот и отворен дијалог ќе продолжи и ќе се надградува и во иднина. Тие се обединија околу потребата од проширување на професионалните контакти за сите прашања од заеднички интерес.
Во разговор со министерот Спасовски, заменик-министерот Катинов му истакна на министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија дека е потребна уште поактивна и поефикасна соработка меѓу двете земји во сите области на соработка, како што се безбедноста на границите, борбата против различните форми на прекуграничен организиран криминал, борбата против тероризмот и за други прашања од заеднички интерес.
Министерот Спасовски, од своја страна, истакна дека како две блиски соседни земји со меѓусебна соработка на оперативно ниво, јасно се докажува посветеноста и заедничкиот интерес за нејзино промовирање и континуирано интензивирање. Според министерот Спасовски должноста, како челници на Министерствата за внатрешни работи на двете земји, не е само да го одржуваат постојното ниво, туку уште повеќе да придонесат како во развојот на професионалното достоинство и интегритетот на полициите на двете земји, така и во нивната модернизација, материјално-техничкото опремување и надградба, да ги следат новите трендови и барања што таа специфична полициска служба ги наметнува како неопходни за успешно и непречено функционирање.
„Како резултат на првата заедничка обука и вежба, произлезе и денешната, во рамки на која специјалните антитерористички единици од двете земји уште еднаш ја потврдија својата подготвеност да одговорат на секакви предизвици, стручноста и професионалноста, но и заедничкиот интерес за натамошно унапредување и доусовршување на вештините кои се неопходно потребни за реализирање на своите секојдневни работни задачи, а со тоа и за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на двете земји. Специјалната антитерористичка единица – Тигар при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија претставува една од стожерните полициски формации и наша гордост како престижна, кредибилна и крајно професионализирана полициска организациона единица. Во комбинација со претставниците на Одделот за воздухопловни единици на Министерството, и генерално со претставниците на Одделот за специјални полициски операции, тие се во секојдневен костец за да се справат со комплексните безбедносни предизвици и пример за самопрегор, лична храброст и пожртвуваност”, истакна министрот Спасовски, изразувајќи силна убеденост дека истото важи и за претставниците на Главната дирекција „Жандармерија, специјални операции и борба против тероризмот“ при Министерството за внатрешни работи на Република Бугарија.
На крајот од работниот ручек, министерот Спасовски нагласи дека денешната вежба ХАРПУН 2022 е уште еден показател за покажување на проактивност и посветеност во борбата против тероризмот, заедно со партнерите од Бугарија, како уште една добра порака на пријателство, соработка и партнерство.
По повод успешно реализираната демонстрација на Оперативно-тактичката вежба „ХАРПУН 2022”, а во знак на благодарност до нашите соседи и партнери од Република Бугарија, од страна на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше доделена плакета на заменик министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Венцислав Катинов. Министерот Катинов од своја страна му врачи плакета на министерот Спасовски.
Од страна на директорот на БЈБ, Сашо Тасевски беше доделена плакета на директорот на Генералниот директорат на жандармеријата – Специјални операции и борба против тероризмот на Р.Бугарија, г. Тодор Гребенаров. И директорот Гребенаров му врачи плакета на директорот Тасевски.
Началникот на Одделот за специјални полициски операции, Митко Даневски додели плакета за успешната заедничка соработка на директорот на Директоратот за Специјални операции и борба против тероризмот на Република Бугарија, г. Драгомир Таков кој, исто така, му врачи плакета на началникот Даневски.
На сите учесници во вежбата им беа доделени сертификати за успешно реализираната вежба, како и за спроведените обуки и размена на искуства.