Заедно со милион барели нафта, Путин испрати и противвоздушно оружје во Северна Кореја

од Vladimir Zorba
49 прегледи

Русија ѝ обезбеди на Северна Кореја противвоздушни ракети и опрема за противвоздушна одбрана, откри висок јужнокорејски функционер, а пренесуваат странските медиуми. Овој потег следи по одлуката на Северна Кореја да испрати војници да и помогнат на Русија во нејзиниот конфликт со Украина.

Шин Вон-сик, директорот на Бирото за национална безбедност на Јужна Кореја, во петокот потврди дека Русија ги зајакнала воздушните одбранбени капацитети на Северна Кореја во замена за воена поддршка. Според јужнокорејската новинска агенција Јонхап, Вон-сик објаснил дека помошта вклучува противвоздушни ракети и опрема наменети за зајакнување на чувствителниот систем за воздушна одбрана на Северна Кореја.

Вон-сик, исто така, истакна дека, по неуспешното лансирање на воен сателит од страна на Северна Кореја на 27 мај, Русија му обезбеди поддршка на Пјонгјанг, вклучувајќи сателитска технологија и потенцијална економска помош. А, како што беше објавено претходно, сателитски снимки открија дека Русите испратиле милион барели нафта во Северна Кореја во последните осум месеци.

Според јужнокорејски пратеник, околу 10.900 севернокорејски војници се распоредени во регионот Курск. Некои од овие севернокорејски војници учествуваа во борбите на првата линија и доставуваа оружје до руските сили, вклучувајќи самоодни хаубици и ракетни системи со повеќе цевки.

Да потсетиме, украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќањето пред Европскиот парламент по повод 1.000 дена на руската инвазија, тој се осврна на извештаите кои сугерираат дека Северна Кореја може да испрати до 100.000 војници да и помогне на Русија и ги повика европските земји да ја зголемат воената помош за Украина.

Слични содржини