Заев-Дармановиќ: Црна Гора ја поддржува Македонија во НАТО аспирациите

од desk2
78 прегледи

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар во МНР Виктор Димовски, денеска се сретна со црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ, придружуван од амбасадорот на Република Црна Гора во земјава, Предраг Митровиќ.

Дармановиќ, како што соопшти владината прес-служба, оценил дека граѓаните на Република Македонија дале силна поддршка за отворениот реформски и мултиетнички концепт на новата Влада, што се покажа на последните избори и дека ваквите владини политики ги отвораат евро-атлантските перспективи на Македонија. Министерот Дармановиќ додал дека е забележителен напредокот на Македонија по промените, којашто е добар пример регионот.

Црна Гора, којашто го презема од Македонија претседавањето со Јадранската група, како што било истакнато, ја поддржува Република Македонија во НАТО аспирациите и ќе застане зад државата на тој пат. На средбата заеднички е констатирано дека честите средби на високи владини нивоа помеѓу Република Македонија и Република Црна Гора, придонесуваат и за интензивирање на соработката помеѓу двете држави и за регионалната соработка којашто е важна во евро- атлантските процеси на земјите. – Владата на Република Македонија работи на унапредување на стандардот на граѓаните и на зајакнување на регионалните односи со цел да обезбеди и квалитетен живот во Македонија и остварување на стратешките цели на државата за членство во ЕУ и во НАТО.

Во тек се активни реформски процеси, во делот на правосудството е направен првиот исчекор преку предлогот за независно решение за републички јавен обвинител, ќе следуваат и законски реформи во оваа област, почнати се реформите на тајните служби коишто беа меѓу причинителите на политичката криза, а паралелно се одвиваат реформски процеси и во други области. Се надеваме дека и опозицијата ќе биде конструктивна и со придонес од сите страни ќе овозможиме Македонија да стане членка на НАТО и да се придвижи на патот кон ЕУ, истакнал Заев. Тој додал дека членството на Република Црна Гора во НАТО е мотивирачки пример како ако се има политичка волја може да се постигнат резултати.

Црногорскиот министер за надворешни работи, Дармановиќ, дополнил и дека добивањето датум за преговори на Република Македонија со ЕУ ќе биде дополнителен важен импулс за отворени европски перспективи за целиот регион. На средбата, премиерот Заев и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Дармановиќ разговарале и за соработката во областа на инвестициите и економијата.