Заев: Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми за неговата автентичност

279 прегледи

По повод христијанскиот празник, Св. Климент Охридски, премиерот на С.Македонија, Зоран Заев на својот фејсбук профил упати официјална честитка.

Денеска го славиме Свети Климент Охридски, жив паметник на нашата историјата и историјата на другите народи на Балканот, ученик на сесловенските просветители – Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската школа, позната и како „прв балкански и европски универзитет“.
Со Свети Климент Охридски се поврзани почетоците на македонската писменост и неговото име денес достојно го носат универзитети, факултети, училишта.
Записите велат дека низ Свети Климентовата Охридска школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните времиња, а секако, импозантен е и денес.
Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво. Луѓето имале желба за духовна храна и поткрепа, за наука, за вистина. Како и денес.
Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми за неговата автентичност, и секое оспорување е спротивно на овие факти.
Тоа е остварено во еден неминовен историски континуитет во кој свое значајно место има и големото дело на Свети Климент, како и делата на сите останати црковни и духовни големци во редот на нашата историја, вградени во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ.
Ја комплетиравме нашата лична карта во ОН со македонски јазик, а посебноста на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо е прифатено и во Европската Унијата, која беспрекорно ја почитува јазичната разноликост и во која преку македонскиот јазик е прифатена и посебноста на македонскиот идентитет како составен дел и од европскиот идентитет, во заедницата од 500 милиони луѓе, основана под мотото „Обединети во разновидноста”.
Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност.
Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да ги чуваме обележјата на нашиот недвосмислен македонски идентитет и да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава.

Слични содржини