Првиот опозиционер Заев вчера беше во Лажани. Поради лошите временски услови и големиот интерес кај граѓаните, средбите продолжија со трибина во просториите на СДСМ во Лажани.Граѓаните од овој крај, без разлика на вера и нација, ги мачат истите проблеми.
“Нема достоинствен откуп на тутунот, се проценува по многу пониски цени, за џабе работиме, а се прават и големи проневери при откупот”, рече еден жител.
“Мака патам за пласман. Сега донесов 40 тони компир, немам каде да го продадам, а цените се ниски. И јаболко имам а каде ќе го носам, каде ќе го пласирам? Ве молам да се најде некој начин за пласманот на производите” додаде друг.
Заев рече дека целосно ја разбира маката на земјоделците и презентираше дел од концептот на СДСМ во делот на земјоделието којшто дополнително ќе се надградува во наредениот период.
„Што може да очекувате од иднината влада на СДСМ. Субвенциите да продолжат, да бидат наменски и да дојдат во период кога навистина им требаат на земјоделците. При тоа, субвенциите ќе бидат стимулативни, колку повеќе ќе се произведе земјоделецот, толку ќе бидат поголеми, а не како сега да се третираат како социјална помош. Сепак, субвенциите не го решаваат проблемот. Пласманот е задача на државата и ние тоа ќе го направиме. Како? Ќе го отвориме пазарот и ќе се грижиме за пласирање на произведеното. Ќе создадеме конкуренција. Оној што ќе плати повеќе ќе може да го земе произведеното од земјоделецот. Ќе ја стимулираме и продуктивноста кај земјоделците со низа на мерки“ рече Заев.
Претседателот Заев, на крајот од трибината повика на единство на граѓаните за промени во Република Македонија, за ново време и светла иднина за сите.
„Денеска на сите им е јасно која е причината за несреќата на нашиот народ. Таа има име и презиме, Никола Груевски. Со неговото заминување конечно ќе може да огрее сонце на ново време, за нова надеж, на сите граѓани на оваа наша мултиетничка Македонија. Бидете рамо до рамо со мене, зборувајте за вистината. Јас сум подготвен да ја водам оваа битка до крај, додека не си ја ослободиме државата“ рече Заев.


