Заев-Дуда: Од исклучителна важност е поддршката на Полска за С.Македонија за членство во ЕУ

од Берта Китинска
278 прегледи

Во рамките на своите дополнителни активности за време на Самитот на НАТО во Брисел, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев имаше средба со претседателот на Република Полска Анджеј Дуда, на која присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На средбата беше истакнато взаемното задоволство од нагорниот позитивен развој на блиските и пријателски односи меѓу двете земји што беше оценето како одличен потенцијал за идната соработка.

Премиерот Заев истакна дека Полска беше и остана искрен и вреден пријател на Северна Македонија за време на процесот на нејзиното остварување на целта да биде членка на НАТО, како и во поддршката за остварување на сите нејзини обврски за исполнување на членството во ЕУ.

Како посебно значајна премиерот Заев ја оцени иницијативата на Полска и на земјите од Вишеградската група да приложат документ на претстојната Конференција за иднината на Европа во кој силно се поддржува пристапувањето на земјите членки на Западен Балкан во ЕУ.

Претседателот на Владата Заев ја изрази својата и благодарноста на народот на Северна Македонија за солидарноста и помошта на Полска за нашата земја за справување со последиците од пандемијата со КОВИД-19.

Премиерот Заев го запозна полскиот претседател Дуда со главните поенти од документот на португалското претседателство со ЕУ како предлог за решение на ветото на Република Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, кој нашата Влада го оцени како добра излезна основа за деблокирање и за организирање на првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ за почеток на преговарачкиот процес по поглавја.

Двајцата соговорници на средбата изразија задоволство од развојот на економските односи меѓу двете земји и изразија надеж дека растечкиот број на туристи од Полска во Северна Македонија ќе го зајакне пријателството и блиските односи.

Слични содржини