Премиерот Зоран Заев, денеска оствари средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, а во изјава МИА средбата ја опиша како „прекрасна“.
Мишел како претседавач на телото каде заседаваат шефовите на држави и влади има привилегиран пристап до сите земји членки и премиерот Заев изрази увереност дека Мишел има разбирање и волја за вистински исчекор во однос на Македонија на претстојните јунски совети на ЕУ кога конечно се очекува свикувањето на првата Меѓувладина конференција, доколку се надмине блокадата на Бугарија.
-Претседателот на Европскиот Совет е всушност премиерот на една влада составена од европските лидери на земјите членки и разговаравме детално како што разговаравме и вчера на вечерата со високиот претставник за надворешна политика и безбедност, господинот Борел. Заклучокот е дека Европа си го чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор, секако доминантно заради Северна Македонија којашто чека 16 години, која има преку дваесетина вета и навистина е на врвот со извршување на реформите, потврдено во сите извештаи и сме модел на европски начин на решавање на проблемите. На крајот треба Европа да испорача само пола чекор, затоа што ние имаме одлука за почеток на преговорите, не е за поглавјата туку е за првата Меѓувладина конференција, изјави Заев за МИА
Македонскиот премиер нагласи дека лидерите „ќе бидат доволно фокусирани на изнаоѓање на решение за таа 27-ма членка да ја придобијат во одлуката.“
-Секако идејата е да видиме португалското претседателство, коешто разработува предлози, до крајот на неделата веќе ќе бидат во регионот. Со време се фаќа работата, уште е мај месец. Верувам дека имаме доволно време до Советот на општи работи каде се носи одлуката, рече Заев.
Како позитивна порака, шефот на владата го издвои фактот што тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија се спласнати.
-Јас верувам дека бугарскиот народ како и македонскиот сакаат пријателство, сакаат позитивни исчекори и јас како еден од лидерите во Северна Македонија го чувствувам тоа. Верувам дека и лидерите во Бугарија го чувствуваат тоа затоа што е наша обврска да ја отвориме иднината, рече Заев
Вели дека верува во креативноста и неговите колеги во ЕУ за да се дојде до решение.
-Сите овие четири години имајќи ја честа да се среќавам со сите овие европски лидери, овојпат чувствувам навистина нивна подготвеност, верувам дека ќе бидат креативни во оние идеи коишто ги разработуваат, ги разгледуваат, тоа е нивна работа, не е моја да ја коментирам, веројатно ќе ја слушнете во текот на целиот овој процес. Се разработуваат идеи, што е уште еднаш потврда дека се комплетно фокусирани и сакаат да направат чекор затоа што ја отвораат и овде во ЕУ дискусијата дали навистина ЕУ останува посветена на проширувањето према западен Балкан и мора да дадат одговор на овие прашања, додаде премиерот.