Заев-Габриел: Северна Македонија активно е вклучена во Дигиталната агенда на ЕУ

од Vladimir Zorba
114 прегледи

Европската Комисија и дава целосна поддршка во напорите на Северна Македонија за зголемување на капацитетите на експертите во областа на сајбер безбедноста и напорите на Владата на Северна Македонија за формирање нова регионална академија за кибер безбедност.

Ова било истакнато на денешната средба Во Владата меѓу премиерот Зоран Заев и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски со европската комесарка Мариа Габриел, придружувана од амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Самуел Жбогар и нивните соработници.

Посакувајќи и добредојде на еврокомесарката Габриел, која е во работна посета на Скопје, како дел од регионалната турнеја, премиерот Заев и се заблагодарил за континуираната поддршка на нашата земја во однос на интеграцијата во Европската Унија, како и за нејзината заложба за унапредување на Дигиталната агенда во рамките на ЕУ и за напорите за отворање можности за Западен Балкан за пристап до оваа област на соработка.

-На патот на остварувањето на нашите стратешки цели, членството во НАТО, и обезбедување на почеток на пристапните преговори со ЕУ, целосно сме посветени на одржувањето на добрите, пријателски односи со соседите, тоа го покажуваат договорите за соработка со Бугарија и Грција, и убедени сме дека тоа го отвора патот за поблиска и посеопфатна соработка во Регионот, истакнал Заев, додавајќи дека меѓу приоритетите се прифаќање на нови технологии, кои денеска, во модерното време се вистинска потреба и зад која застанува целата Влада.

На средбата било разговарано за важноста од поврзувањето и обезбедувањето на пристап до поширок, дигитален единствен пазар и интеграција.

Позитивно било оценето организирањето на Првиот дигитален самит, кој нашата земја  успешно го организираше минатата година, и беше изразено убедување дека  годинашниот самит во Белград исто така ќе донесе регионални придобивки, меѓу кои и напорите за финализирање на Регионалниот договор за роаминг на шесте земји од регионот на Западен Балкан.

На средбата била изразена поддршка за преземањето мерки во сите области на економијата, а кои носат конкретни придобивки за сите граѓани и компании.

Еврокомесарката Габриел изразила задоволство што има можност на премиерот Заев да му упати честитки за успешното имплементирање на Договорот од Преспа, кој, како што истакнала таа, е многу силен сигнал за подготвеноста на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија.

Еврокомесарката Габриел во оваа прилика на премиерот Заев му честитала за наградата, што заедно со грчкиот премиер Ципрас на Минхенската безбедносна конференција, им беше доделена за нивниот придонес за мирот и стабилноста во светот, оценувајќи ја како силна порака за граѓаните од целиот регион.

Габриел ги истакнала приоритетите за остварување на Дигиталната агенда, како што се вклучувањето на училиштата во иницијативата за дигитална обука, каде е вклучен регионот на Западен Балкан и поттикнување на обуката и образованието во дигиталната област, подобрување на условите за развој на иновативноста и старт ап бизнисите мобилизацијата на јавната администрација, зајакнување на компјутерската безбедност, компјутерската и медиумската писменост и насочување на сите активности кон она што го бара дигиталното општество, потенцирајќи дека тоа е важно за младите и за сите граѓани.

На средбата била нагласена и огромна поддршка за инвестицијата на Владата во нов Технолошки парк во Скопје, што ќе ги обединува на едно место стартапите, науката и инвеститорите, со цел побрз развој на иновативните идеи од претприемачите и на чија презентација ќе присуствува еврокомесарката Габриел, заедно со премиерот Заев и министерот Манчевски, во чии рамки ќе започне со работа и бизнис-технолошкиот акцелератор за млади претприемачи и иноватори на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ).