Во рамки на денешната онлајн дебата на Атлантскиот совет на тема „С.Македонија на прагот на ЕУ“, премиерот, Зоран Заев посочи дека освен влезот во ЕУ, за земјите од Западен Балкан, не постои друга алтернатива.
„Вербата за влез во НАТО, а понатаму и во ЕУ, доведе до промена на нашиот Устав, а со тоа и промена на уставното име на нашата земја. Не беше тоа лесно, и беше горчливо чувство да се додава нешто на нашето име, но тоа го направивме поради младите и успеавме да изградиме одлично пријателство со нашиот јужен сосед, Грција“, посочи Заев.
Во рамки на тоа, премиерот Заев исто така додаде и дека по одлуката на Советот на ЕУ во март минатата година за започнување на преговорите за членство со земјава, требаше да следи првата меѓувладина конференција, но тоа не се случи поради одлуката на нашиот сосед Бугарија.
„Бугарија зазеде не баш пријателска позиција, но јас многу верувам дека тоа е бидејќи изборите се многу блиску во Бугарија, а ние политичарите не сме многу прагматични кога станува збор за избори. Јас верувам дека ако продолжите да ни помагате ќе најдеме решение веднаш по изборите во Бугарија, бидејќи ова е смешен проблем. Не треба да размислуваме како некого да блокираме или стопираме, туку да гледаме кон иднинатата и да ја обезбедиме истата“, додаде премиерот.
Во таа насока, Заев посочи и дека меѓу Скопје и Софија ќе бидат изградени уште повеќе мостови на соработка во разни сектори.
„За нас е во интерес да продолжи дијалогот, а не да дојде до замрзнување на преговорите, но сепак постојат некои црвени линии кои ние не можеме да ги поминеме. Бугарија разбира дека ние имаме право на нашиот суверенитет и право на самоидентификација, да се чуввствуваме како Македонци, да го зборуваме нашиот македонски јазик. Ние овде во Северна Македонија ги почитуваме сите европски идентитети, но немаме претензии кон Бугарија или кон било која друга држава во светот“, истакна Заев.