Заев и Ципрас организираат конференција за Преспанскиот договор, ќе му доделат награда на Нимиц

од Nikola Popovski
256 прегледи

На 17 и 18 јуни во Атина, по повод навршувањето на 6-годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, „Институтот Алексис Ципрас“ и Фондацијата на Зоран Заев „Едно општество за сите“ ќе организираат меѓународна конференција на тема „Мир и одржлив развој“.

Конференцијата ќе се одржи во Атинскиот конзерваториум и ќе опфати 8 панели за дискусија. Конкретно, две теми за Балканот и две за регионалните случувања и улогата на меѓународните организации во промовирањето на мирот. Една тема ќе се однесува на климатската криза и зелената агенда, една ќе се однесува на случувањата во европската и грчката економија и две ќе се однесуваат на иднината на Европа и справувањето со екстремната десница.

-Ќе учествуваат личности од меѓународниот, европскиот, балканскиот простор и поширокиот регион, премиери, поранешни претседатели, премиери и министри, еврокомесари, академици, истакнати научници, директори на институти итн, јавуваат грчките медиуми.

Амбицијата на двајцата коорганизатори е „Меѓународната конференција за мир и одржлив развој“ да се одржува на годишно ниво, секој јуни, на годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа и да претставува солидна иницијатива за постојана поддршка и имплементација на Договорот, давајќи силна порака за мир против национализмот кој се покажа толку опасен на Балканот, Европа и поширокиот регион.

Во рамките на Конференцијата, секоја година ќе се доделува и награда за мир, т.н. „Награда на Преспа“, на личност за неговиот придонес за мирот.

Првата награда годинава ќе му биде доделена на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН Метју Нимиц, за неговиот долгогодишен придонес за мирот, односно за неговото посредување во долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција што доведе до потпишување на Договорот од Преспа.

Слични содржини