Заев и Царовска: После 60 години ООУ ,,Јоаким Крчоски” во село Волково добива нова современа спортска сала

од Берта Китинска
262 прегледи

Заев и Царовска: После 60 години ООУ ,,Јоаким Крчоски” во село Волково добива нова современа спортска сала

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумовски, денеска ја пуштија во употреба современата спортска сала во општинското основно училиште „Јоаким Крчоски” во село Волково во Општина Ѓорче Петров.

Со нејзината изградбата од септември околу 400 ученици од селата Волково, Орман и Кучково, конечно ќе добијат соодветни услови за физичко образование, како клучен дел од заложбата за здрав и комплетен развој на младите.

„За нас како Влада вложувањата во спортот, особено во спортските објекти во училиштата, е исклучително важен фактор за развојот на прогресивно и инклузивно општеството кон коешто сите стремиме. Спортот овозможува социјална интеракција и влијае позитивно врз градењето на основни етички принципи особено кај младата популација”, рече премиерот Заев во изјавата за медиумите.

Заев потсети дека основното училиште „Јоаким Крчоски”, кое е основано 1959 година во село Волково, досега немаше спортска сала, а учениците наставата по физичко и здравствено образование ја изведуваа во училница приспособена за вакви активности.

„По 60 години настава во импровизирани услови, оваа Влада ја препозна важноста на потребата од изградба на современ спортски објект и таа потреба ја ставивме во врвните приоритети на буџетирање. Во оваа пригода сакам да нагласам дека еден од приоритетите на оваа Влада е да го зголеми бројот на млади кои спортуваат за 30%. За таа цел планираме изградба на спортски сали во повеќе училишта каде што тие недостигаат”, истакна претседателот на Владата Зоран Заев.

Во соработка и со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, во мај 2019 година, започнаа градежните работи на нова типска спортска сала. За оваа сала преку Министерството за образование и наука од Буџетот на Северна Македонија се издвоени 22.800.000 денари, а општината за расчистување и уредување на просторот одвои 4.000.000 денари.

Министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека освен на воведување на квалитетни и современи наставни програми и јакнење на наставниот кадар, изминатиот период МОН забрзано работи на подобрување на условите во училиштата, преку проширување изградба, и реконструкција на училишните згради и спортските сали.

„Навистина ми е драго што ООУ „Јоаким Крчоски” во Волково по неколку децении чекање добива целосно нова и современа спортска сала.
 Со оваа капитална инвестиција покрај тоа што обезбедуваме одлични услови на учениците за одвивање на наставата по предметот физичко и здравствено образование, истовремено ги поттикнува учениците за поголема заинтересираност за бавење со спорт и спортски активности.

Во Општина Ѓорче Петров МОН започна да работи уште на две инвестиции со вкупна вредност од 50 милиони чиј рок за реализација е 20 месеци. Се прави доградба на доградба на ПООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски” во населбата Хром, и на крило на ООУ „Тихомир Милошевски” од Ново Село, со изградба на нови училишта и кабинети, а ќе бидат поставени и лифтови со што обезбедуваме пристапност за лица со попреченост”, рече Царовска.

Градоначалникот Александар Наумовски од своја страна нагласи дека Општина Ѓорче Петров во руралниот дел досега има инвестирано речиси седум милиони евра заедно со Владата, и дека се работи за инвестиции кои не се паметат долги години и со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните од Општината.

Слични содржини