191
Во РЕК Битола ќе се инвестира за современи и еколошки проекти, како и за енергетска трансформација, информираше претседателот на Владата, Зоран Заев.
„Инвестираме во современи еколошки проекти за енергетска трансформација на РЕК Битола. Користењето на обновливите извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки интереси, како дел од приоритетите од #Акција21.
Енергетската трансформација во државата е веќе почната, а тоа е проектот РЕК Осломеј и неговата трансформација од капацитет кој произведува струја од јаглен во капацитет кој ќе произведува електрична енергија од сонце.
Плановите се до 2026 година да биде заменет првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола кој работи на јаглен, со фотонапонска електрана. До 2024 година РЕК Битола ќе го исклучи првиот блок кој работи на јаглен за да го замени со ко-генеративна гасна електрана со моќност од 250 MW за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола.
Во последните три години интензивно се инвестира во гасификација на земјата, се планираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште, го шириме производството на струја од ветер. Нашата цел е во наредните пет години да влеземе во инвестициски циклус кој ќе обезбеди поеколошка држава, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор“, посочи Заев во својата фејсбук објава.