Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се обрати на настанот по повод промотивната активност за изградба на станбено-деловниот проект Комплекс Планет.
„Креаторите на комплексот Планет се прилагодиле на природата и на еколошката функционалност на теренот и во средината на комплексот е централниот парк кој, всушност, го претставува веќе постоечката шума во границите на локацијата за негова изградба.
Сместен на влезот на Скопје од неговата западна страна, меѓу реките Вардар и Треска, почнува да се издига станбено деловен комплекс според највисоки стандарди и за чија изградба пред сѐ се задолжени веќе докажаните градежни компании на инвеститорите „Блеро-Фикс” и „Валмир компани”, а ќе бидат вклучени и десетици други компании подизведувачи од различни дејности.
Вредноста на оваа инвестиција од 28 милиони евра е сериозно раздвижување и придонес и за нашата вкупна економија и затоа проектот ги заслужува сите пофалби и охрабрувања“, вели Заев.