Груевски ќе се обидува на разни начини дa ја избегне реализацијата на преземените обврски. Но, тоа ние нема да му го дозволиме, ниту ќе му го дозволат меѓународните гаранти на договорот, вели лидерот на СДСМ. На 1 септември опозициските пратеници ќе се вратат во Собранието, како што е предвидено со Договорот од 2 јуни, а за неколку дена ќе продолжат и активностите на работната група кои беа прекинати заради летниот одмор. Пред власта и опозицијата во наредниот период стојат многу обврски со прецизно наведени рокови. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, во разговор за Дојче веле, во поглед на динамиката и изборот на специјалниот обвинител вели:

– Генерално, се уште е рано да се каже каде има поголем, а каде помал напредок. Но, има доволно време за напредок по сите точки кои се приоритет во преговорите, а се однесуваат на Избирачкиот список, Изборниот законик, изборот на специјален обвинител и медиумите. Очекувам многу брзо по 17 август да се дефинира начинот за прочистување на Избирачкиот список. Наш предлог е тоа да се реализира со активна регистрација на гласачите, односно да се создаде целосно нов список наместо да се чисти постојниот. Исто така, не само според важноста, туку и според поставениот рок, приоритет за решавање е прашањето за специјалниот обвинител.
ДВ: Засега на различен начин се толкува значењето на предвидената „целосна автономија“ на специјалниот обвинител, односно дали тој ќе функционира самостојно или под „капата“ на сегашниот државен јавен обвинител. Расчистено ли е ова прашање меѓу потписниците на Договорот?
– Целосната автономија е предвидена со Договорот и не може двојбено да се разгледува. Тоа значи дека специјалниот обвинител ќе биде издвоен од субординираноста на системот на обвинителството и ќе биде самостоен во одлучувањето. Тоа значи дека треба да има тим кој ќе работи на предметите со него, да има целосна самостојност во изборот на инспектори во Истражниот центар и да има финансиска независност и техничка опременост за непречено функционирање. Нема тука посебна „филозофија“, која би била причина за дебата или недоразбирања. За таа цел, прв неопходен чекор е донесување нов закон или измена на постојниот, со што ќе се гарантира таа автономија. Ние имаме разработено два вида измени и дополнувања на законот и еден нов предлог закон. Очекуваме и власта да даде предлози со оглед дека има повеќе ресурси, со цел да биде олеснето донесувањето на конечното правно решение кое ќе обезбеди целосна автономија на специјалниот обвинител.
Специјалниот обвинител ќе биде издвоен од субординираноста на системот на обвинителството и ќе биде самостоен, вели Заев
ДВ: Амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, минатиот месец изјави дека „второ критично прашање е датумот 20 октомври, кога треба да бидат назначени двајца нови министри и петмина заменици министри, а најкритично е изгледа Министерството за внатрешни работи“. Очекувате ли проблеми при изборот на прв човек на МВР?
-Со протоколот кон Договорот од 2 јуни, на опозицијата и е дадено на знаење да води сметка предлогот за министер за внатрешни работи да не биде робусно партиско решение, туку професионалец, односно експерт. За предлогот треба да бидат консултирани и владините коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Но, тоа не значи дека имаат право на вето. Во услови на евентуално несогласување, арбитер ќе биде домашната јавност и меѓународните претставници кои се гаранти на Договорот. Истото важи и за кандидатот за нов премиер. Опозицијата не може да стави вето на неговиот избор, но обврска на ВМРО-ДПМНЕ е да води сметка тој да не биде кадар кој е инкриминиран со материјалите од прислушкувањето што ги објави опозицијата.
ЗА медиумксите прашања Заев вели:- Потребно e да има независен Програмски совет на МРТВ кој ќе го избере уредничкиот тим. Треба да биде дефинирана и финансиската независност на МРТВ. Само со кадровска и финансиска независност може да очекуваме независен јавен радиодифузен сервис.