По пожарот во модуларната болница во Тетово во средата вечерта, во кој загинаа 14 лица, а 12 други беа повредени, во петокот оставка од морални причини понуди министерот за здравство Венко Филипче,
Премиерот Заев најави дека проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базира исклучиво на фактите од истрагата, односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот.
– Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик-министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи. Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија, посочи Заев.
ВМРО-ДПМНЕ му даде на Филипче рокот
ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека доколку до вторник претпладне министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани не достават оставки до Собранието, партијата ќе поднесе предлог-одлука за нивно разрешување, тврдејќи дека оставките требало да ги достават до Законодавниот дом, а не до премиерот Зоран Заев.
Ваквата иницијатива СДСМ ја оцени како „голо политиканство и очаен обид да се напаѓа неосновано“, наведувајќи дека согласно Уставот, член на Владата поднесува оставка до премиерот, а тој може да предложи негово разрешување, за што одлучува Собранието.
– Даваме рок до вторник рано претпладне министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден. Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, до Собранието ќе поднесе Предлог-одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, најави вчера на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Процедурата за оставка на министер е надлежност на Владата
Повикувањето на членот 174 е погрешен основ, што значи не е надлежност на Собранието да покрене таква постапка за член на Владата, вели спикерот Талат Џафери, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара до вторник изутрина првите луѓе на здравство да ги достават своите оставки во Собрание, за тие да можат да се констатираат на веќе закажаната седница за истиот ден.
Според него, процедурата по основ на оставка и предлог за разрешување се надлежност на Владата, како мандатар кој го поднел предлогот за состав пред собранието.
-Основот е неуреден и по тој основ јас не можам да го пуштам во постапка, затоа што што не е законодавна за носење обична одлука, изјави Џафери.