Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска замина за Република Словенија, каде што утре, 01.09.2021 година (среда), ќе учествува на лидерскиот панел на тема „Иднината на Европа – Проширувањето”, кој е дел од 16. Стратешки форум „Иднината на Европа”, кој од денеска, 31 август, до 2 септември се одржува во Блед.
На панелот, на кој воведно излагање ќе има словенечкиот претседател Борут Пахор, учествуваат комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит, како и премиерите на Словенија, Јанез Јанша, на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, на Косово, Албин Курти, на Полска, Матеуш Моравјецки, на Албанија, Еди Рама, претседавачот и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, како и претседателите на Молдавија, Маја Санду и на Бугарија, Румен Радев.
На годинешниот Бледски стратешки форум во Словенија, во останатите панели ќе учествуваат и многу други шефови на држави и влади од регионот и пошироко од Европа, официјални највисоки претставници на институциите на ЕУ, како и на повеќе меѓународни и тинк-тенк организации.