Заев: Курбан Бајрам нé потсетува да ја негуваме солидарноста кон другите и почитта кон различностите

од desk2
108 прегледи

Премиерот Зоран Заев испрати писмо со честитки по повод празникот Курбан Бајрам до сите верници на исламската вероисповед во Република Македонија.

Заев на сите припадници на исламската верска заедница им посакува среќни празнични денови, со срдечни желби празникот да помине во благослов, во добро расположение и во добро здравје.

„На сите припадници на Исламот, Курбан Бајрам да им донесе мир, спокој и бериќет. Овој голем празник нé потсетува дека добрината треба да биде наша водилка. Нé потсетува дека во животот зад нас треба да оставиме длабоки траги на добрина кон сите во општеството и кон оние на кои им е најпотребна нашата помош“, наведува премиерот во својата честитка.

Во неа, Заев додадава дека деновите на Курбан Бајрам се денови кога се потсетуваме на вредностите што празникот ги слави и возвишува, како што е помагањето и солидарноста со пријателите, со соседите, со сите коишто се околу нас.

„Празникот Курбан Бајрам порачува и да ја негуваме добрината кон другиот, добрината кон различните. Тоа е порака водилка и за сите нас граѓаните на Република Македонија за да продолжиме заеднички да ја зајакнуваме нашата општествена заедница како едно општество за сите, како единствен пат кој води до наш заеднички дом, во кој секој граѓанин има еднакви услови за живот, среќа и реализација на сопствените амбиции“, истакнува во честитката по повод празникот премиерот Заев.