Заев: Мицкоски и Силјановска-Давкова пред клучен тест за Преспанскиот договор

од Илинка Илиоска
376 прегледи

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и Гордана Силјановска-Давкова, иако не се согласуваат со Преспанскиот договор, изјавија дека нема да го отфрлат. Тие, како претставници на врвни државни позиции, се обврзани да ги почитуваат Уставот и меѓународните договори, истакна поранешниот премиер Зоран Заев во изјава за ТВ 24.

„Одговорноста не е само политичка, туку и правна. А последиците се децениско непријателство со соседните земји, со Европската Унија, со САД и ОН. Сето ова ќе има далекусежни последици за секојдневниот живот и севкупниот стандард на Македонците и другите етнички заедници во Северна Македонија. Апелирам до нив да се тргнат од партиската наметка и што поскоро да сфатат дека сега сносат одговорност за државата и граѓаните. Владата ги почитува Уставот, меѓународните договори и закони како пример за целиот народ и тоа целосно ги почитува, или како влада презема чекори за нивно поништување или менување. Впрочем, Мицкоски и претседателката Силјановска Давкова многупати повторија дека немаат намера да го поништат Договорот од Преспа, иако не се согласуваат со него. Затоа како носители на највисоките државни функции треба да го почитуваат Уставот, меѓународниот Преспански договор и законите. Тие треба да гледаат напред кон иднината на Северна Македонија и македонскиот народ“, изјави Заев за ТВ 24.

По инцидентот на инаугурацијата на Силјановска-Давкова, каде таа го изостави префиксот “Северна” од уставното име на државата, грчката амбасадорка во земјата, Софија Филипиду, протестираше со напуштање на собраниската сала. Ова беше оценето како сериозно кршење на Преспанскиот договор и Уставот од страна на грчката амбасада.

Високи европски претставници, вклучувајќи ги Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, ја поздравија Силјановска-Давкова за нејзината нова улога, нагласувајќи дека почитувањето на меѓународните договори е клучно за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Портпаролот на ЕУ, Питер Стано, го оцени нејзиниот настап како несреќен, додека од нејзиниот кабинет потврдија дека таа ќе го користи официјалното име во службени контексти, но и дека има право да користи терминот Македонија во јавни настапи.

Слични содржини