Заев: Министри и министерки слушајте го гласот на граѓанинот како прецизна насока од која нема отстапување

од Aleksandar Petrovski
377 прегледи

Премиерот Зоран Заев се обрати пред министрите во Владата на Република Северна Македонија при врачувањето на мандатните писма.

-На парламентарните избори кои се одржаа пред месец и половина, граѓаните на Република Северна Македонија избраа да продолжиме да ја движиме државата напред.
Ни го дадоа нивниот глас и доверба, и ние сме обврзани во четиригодишниот мандат, да им обезбедиме уште поквалитетен живот, каков што би сакале за себе и своите најблиски.
Имаме обврска да ги исполниме очекувањата на сите граѓани, а овие мандатни писма се еден доказ, нешто што постојано ќе нѐ потсетува на она на кое сме се обврзале, рече Заев.

Гласот на секој граѓанин е глас за одбрана од коронавирусот КОВИД-19 и за успешно справување со здравствено-економската криза, глас за новата македонска економија, за нови и добро платени работни места, за правна и праведна држава, за чиста и здрава животна средина, за функционална инфраструктура, за ефикасно поврзување дома и со светот, за силна национална култура по угледот на европската и за образование, кое младите генерации ги подготвува за подобра сегашност и подобра иднина.

Како министри и министерки слушајте го гласот на граѓанинот како прецизна насока која доаѓа од највисоко ниво и од која нема отстапување.
Mора да им служиме на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, партиска припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, раса, боја на кожа, потекло, припадност на маргинализирана група, јазик, социјално потекло, образование, религија, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус.
Очекувам, дека во извршувањето на вашите должности и во остварувањето на Програмата за работа на Владата во наредните четири години ќе се вклучите без задршка и со целосна професионална посветеност.

Имаме свечена и суштинска обврска, агендата за која се обврзавме пред граѓаните да ја остваруваме со максимален вложен напор, преку ефективно извршување со најдобри можни резултати, без компромиси и оправдувања, бидејќи пред јавноста сме искрени и ќе ги ставиме на располагање сите механизми за да ја следи нашата работа.

Јас како претседател на Владата, ќе ја унапредам структурата на мојот кабинет, со цел да бидам уште поотворен премиер и да обезбедам постојана двонасочна комуникација со сите граѓани и заедници на кои им е потребна помош од мене лично и моите служби. Но, и за да можам да ги примам и разберам сите идеи и иницијативи од оние на кои им служиме, според нивните потреби.

Ве задолжувам и Вас на редовна и отворена комуникација со сите граѓани и засегнати страни во општеството преку унапредување на каналите за респонзивност, вклученост и учество. Овие принципи важат и за вашиот однос кон медиумите, кои се нашиот канал за комуникација со граѓаните.

Заев истакна дека оваа Влада е мала, но секој од министрите ќе се посвети на успешно и ефикасно работење и тоа:

-справување со светската пандемија со коронавирусот и надминување на здравствено

– економската криза, ќе даде нова енергија во создавањето на подинамичен економски раст, одржлив развој, силни институции кои почитуваат ред и владеење на правото,

-ќе обезбеди услови за помодерно, европско образование,

-ќе остане активна членка во НАТО и со силна волја ќе продолжи во напорите за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавјето за членство во Европската унија.

Сето ова ќе го оствариме заеднички, но, секој од нас ќе даде свој придонес во областа за која е избран. Да не заборавиме дека сме менливи, и таа менливост да ни биде мисла водилка да им служиме подобро, поефикасно на граѓаните, истакна Заев.

-Затоа што граѓаните имаат очекувања, а вие сте на оваа позиција за да направите сѐ што е потребно за оваа Влада да ги исполни очекувањата.

Соработувајте со сите вработени и искористите ги сите потенцијали во јавната администрација. Во целото ваше делување бидете им пример на тие со кои работите и на граѓаните за кои работите. Придржувајте се до Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата и ширете ги етичките вредности. Вложете максимални напори, на крајот на нашиот мандат во 2024 година, како резултат на позитивните промени кои ќе ги направиме, Северна Македонија да биде земја во која граѓаните сакаат да живеат и да придонесуваат за нејзино постојано унапредување.
Тоа граѓаните го очекуваат од нас, рече Заев.