Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска ќе присуствува на отворањето на генералната дебата на Генералното собрание на Обединетите нации, кое оваа година се одржува по 72. пат.
Како што информира владината прес-служба, Заев и членовите на владината делегација ќе бидат гости на многубројни свечености по повод отворањето на годинешната сесија на генералната асамблеа на ОН, и ќе имаат повеќе работни и протоколарни средби со шефови на држави и влади, како и со шефовите на дипломатиите на повеќе семји.
Шефот на македонската Влада ќе има билатерална средба со премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, ќе присуствува на прием во организација н претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со првиот потпретседател на Европска комисија, Франс Тимерманс и со Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини и ќе оствари средба со нив. Премиерот Заев денеска во Њујорк ќе присуствува и на приемот на која домаќин е претседателот на САД, Доналд Трамп.
Според агендата македонскиот премиер ќе има свое излагање на сесијата „Отвореното владино партнерство“, а ќе учествува и на тематските панели „Глобален договор за животна средина” и „Реформи во Советот за човекови права“, со кои претседаваат претседателот на Франција, Емануел Макрон, потпретседателот на САД, Мајкл Пенс, министерот за надворешни работи на Обединетото кралство Борис Џонсон и министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Коендерс.