
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево на средба со амбасадорот на Република Словачка, Мартин Безак посочил дека мора да се почитуваат демократските принципи, односно одлуката на околу 700.000 граѓани.
– Решение мора да има низ почитување на демократските принципи. Граѓаните на кредибилни избори се изјаснија за промени. Легитимно е формирано новото парламентарно мнозинство од 67 пратеници избрани од околу 700.000 граѓани. Продолжуваме кон избор на нов претседател на Собранието и нова Влада, според мнозинската волја. Никој не смее спротивно на Уставот и на државните интереси да ја загрозува егзистенцијата и стабилноста на граѓаните бидејки се тоа тешки казниви дела – порачал Заев, повикувајќи дека е неопходно сите институции, партии и поединци да овозможат мирен трансфер на власта.
На состанокот се разговарало за итните реформски приоритети што е подготвена да ги реализира новата Влада.