Заев – Шентоп: Турција продолжува да ги поддржува евроатлантските интеграции на С. Македонија

234 прегледи

Премиерот Зоран Заев, денес заедно со дел од владиниот состав, остварија средба со претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп.

Како што информираат од владината прес служба, на оваа средба е констатирано дека пријателските билатерални односи меѓу двете држави се унапредуваат, што покажува и активната економска соработка, како и трговските односи што се одржуваат без видливи загуби и во време на пандемијата.

Посетата беше заклучено, на парламентарната делегација од Турција, со цел присуство на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик во нашата држава, во услови на специфичната здравствена состојба во светот, е потврда на културните врски и меѓусебното, како што беше констатирано, идентитетско признавање, меѓу народите на двете земји.

„На средбата е пренесено дека Република Турција продолжува да ги поддржува евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија, како и развојот и напредокот на државата. Во таа насока изразени се честитки за новиот мандат на премиерот Заев и формирањето Влада посветена на решавање прашања од државно и граѓанско значење“, се вели во владиното соопштение.

Заев искористи прилика да се заблагодари за големата поддршка што ја дава Турција на нашата држава од осамостојувањето на државава до денес, и посочи дека Република Турција е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава. Тој изрази посебна благодарност за помошта во областа на здравството во време на пандемијата, како и за поддршката на Армијата, во рамки на НАТО партнерството.

„Успешно градиме едно општество за сите во нашата држава. Го честитаме Денот на наставата на турски јазик во земјава и го одбележуваме со достојна почит, бидејќи сме определени кон соживот и еднакви услови за живот за сите граѓани. Фокусирани сме кон пријателства и со нашите соседи и со нашите меѓународни партнери, со што го потврдуваме нашиот европски начин на однесување и функционирање“, истакна Заев.

Премиерот додаде и дека во државните институции има претставници на турската етничка заедница на значајни раководни позиции, што ја одразува определеноста на Владата кон еднакви шанси за сите.

На состанокот, како што додадоа од Владата, било разговарано и за можностите за интензивирање на економската и културната соработка и била изразена поддршка на зајакнување на меѓусебната парламентарна соработка.

Слични содржини