Сериозно сме посветени на брзо затворање на точките од Договорот што треба да обезбедат регуларни избори. Тоа е интерес на граѓаните на Македонија и од тоа нема да отстапиме, изјавил денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев на средбата со делегација на ОДИХР, предводена од вишиот советник за избори Ричард Лапин.
– Ако нема регуларни избори, тоа сериозно ја загрозува иднината на државата и граѓаните, рекол Заев.
Како што се наведува во соопштението од СДСМ, потребата од фер избори во Македонија беше главна тема на разговорот. Очекувањата се, како што стои, промени на изборното законодавство, доверлив Избирачки список и целосна реализација на Договорот од 2 јуни / 15 јули.
На средбата е констатирано дека се неопходни брзи промени во медиумската сфера, поради лошите состојби со пристрасноста на медиумите констатирани во повеќе меѓународни извештаи, меѓу кои и во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и ЕУ, се наведува во соопштението од СДСМ. /МИА
