Претседателот на Владата Зоран Заев денеска зеде учество во активноста што ја организираше Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов по повод Светскиот ден на животната средина.
„Оваа година им се придружив на активностите што по повод овој ден ги организира Град Скопје кој продолжува да го реализира „Акцискиот план – Скопје зелен град“, проект кој во фокусот ги стави решенијата за предизвиците за заштита на животната средина и создавање на одржлив развој на градовите.Факт е дека како резултат активностите на овој проект и на низата други значајни сеопфатни проекти оваа година не разговараме за загаден воздух во главниот град, односно имаме огромно намалување на бројот на денови со надминати концентрации на пи-ем честички.Некои ќе се повикаат на времето, климатските промени, но факт е дека намалувањето е и резултат на заедничка акција на сите“, изјави Заев.
Тој вели дека резултат е зголемената свест кај граѓаните, која е на највисоко ниво до сега и е дополнителен поттик за оваа Влада да продолжи со еколошките проекти како што беше замената на загадувачките печки на дрва и на фосилни горива со еколошки чисти инвертери во Скопје и во неколку други градови.
„Граѓаните, особено помладите, сѐ повеќе користат превозни средства кои не загадуваат како велосипеди или електрични тротинети, а сериозен поттик за ова е исполнувањето на потребите на луѓето кои пешачат и возат велосипед како клучен дел од решенијата за урбана мобилност во здрава животна средина.Во таа насока се и сите инфраструктурни зафати во главниот град Скопје, како и во другите градови во земјата.Во Скопје веќе се надминати 100 километри добро организирани велосипедски патеки и стануваат многу препознатливи одделните велосипедски и пешачки зони долж улиците и булеварите проследени со зелени појаси“, вели Заев.
Во Скопје има повеќе зеленило, ослободени дрва, поставувани се зелени бариери помеѓу пешаците/велосипедистите и возилата, нови паркови, зелени кровови.
“И не само во Скопје. Во 36 општини, во 108 јавни објекти има фотоволтаични системи и повеќе зелени површини и се спроведуваат мерки за директно справување со изворите на загадување.Еколошката агенда на државата ја следиме и со зелени енергетски проекти, согласно Европската зелена агенда, односно ја спроведуваме транзицијата од јаглен во еколошки енергенси за производство на електрична енергија“, рече Заев.