Судењето за случајот „Пуч’ денеска повторно беше одложено. Лидерот на СДСМ Зоран Заев повторно не се појави во судница. Неговите адвокати го информираа судот дека Заев во моментот бил на средба со италијанскиот амбасадор.

Адвокатот Филип Медарски на судот му посочи дека обвинетиот ќе доаѓа на сите рочишта, но кога предметот ќе биде доделен на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Судот во петокот го одби предлогот на обвинителството да му биде одземен пасошот Заев и донесе одлука да му се укине и мерката на претпазливост според која имаше обврска да се јавува во струмичкиот суд секој понеделник.
Покрај лидерот на опозицијата, во „Пуч“ обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, како и еден вработен во општина Струмица и еден во МВР. Сите се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.