Пред 29 години, на 8 септември, граѓаните на Република Македонија, на сите идни поколенија на оваа земја, им го дадоа најголемиот подарок -Независноста на државата. Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни, изјави премиерот Зоран Заев на денешното одбележување на денот на независноста.
Тој изјави дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја.
„Денот на независноста, 8 септември 1991 година, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската Унија. Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна држава членка на Северноатлатската алијанса, како и земја, која е на пат за членство во Европската Унија.
Патот во независноста во тој турбулентен воен период за нашиот дел од Европа воопшто не беше лесен, ниту пак извесен. Меѓутоа, огромното мнозинство граѓани тогаш застанаа заедно. Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и другите, го сочуваа мирот во земјата. Токму затоа, 8 Септември – Денот на независноста, останува запаметен и како ден кога се обединивме за да создаваме заеднички дом за сите.
Првите години на нашата независност беа проследени и со драматични моменти и кризи. Таков беше и конфликтот од 2001 година, кој заврши со Охридскиот рамковен договор. Договор со кој, сите вклучени фактори со помош на меѓународната заедница, презедоа одговорност во име на заедничката иднина.
Денес, нашата држава има сосема извесна европска иднина со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите, изјави Заев.
Тој додаде дека денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и со сите постулати на државност.
„Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.
Борбата со пандемијата продолжува и ќе се вжештува. Ова мора да ни биде првата мисла при будење додека не ја извојуваме и оваа битка со овој невидлив непријател. Но како и светот, така и ние, ќе се справиме само ако сме здружени и ако ги почитуваме мерките. Ова важи за сите. Без исклучоци!“, изјави Заев.
Премиерот додаде дека е обезбеден функционален здравствен систем и секому му е пружена соодветната здравствена заштита.
„Оваа пандемија уште посилно ја потврди нашата заложба и во овој мандат да продолжиме со инвестирање во здравствениот систем. Инвестирање во инфраструктура и опрема, од кои особено важен е проектот изградбата на нов, модерен Клинички центар во Скопје, како и постојаното вложување во човечкиот капитал. Преку добро платен, мотивиран и посветен здравствен кадар да градиме ефикасен здравствен систем.
Владата продолжува со нови антикризни мерки да ги поддржува ранливите категории граѓани и најпогодените економски сектори.Започнуваме нова македонска економија. Ја трансформираме на нашата економија во динамична, иновативна, отворена и конкурентна. Економија подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса на секој. Продолжуваме со реализацијата на капитални инфраструктурни проекти. Ги унапредуваме условите за привлекување на директни странски инвестиции и на стимулирање на домашните инвестиции.
Оваа криза за нас е дополнителен мотив да работиме двојно повеќе. Владата ќе ја води државата кон излез од кризата со што помалку последици, како и кон брзо враќање на претходните стапки на раст на економијата. Создаваме рамка која ќе овозможи платите и пензиите да продолжат да растат, а граѓаните да имаат поголема куповна моќ. Да обезбедиме подобар животен стандард и да ја намалуваме невработеноста.
Во следните четири години Владата ќе ја следи политиката на зелена и дигитална транзиција во духот на Европскиот зелен договор. Ваквиот пристап, овозможува економија која е во функција и на интересите на луѓето и на планетата и на здравата животна средина. Во таа насока започнуваме широка мобилизација на сите капацитети со кои ќе си ги исчистиме воздухот, водите и почвите, изјави Заев.