Заев, Не може опозицијата да нема став за Договорот од Преспа, а да е за ЕУ и НАТО

од desk2
137 прегледи

Во дебатата по нацрт-амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија премиерот Зоран Заев ја повика опозицијата на одговорност и побара да ги поддржи амандманите бидејќи друга опција освен влез во ЕУ и НАТО нема. Повтори дека доколку Грција не ги исполни своите обврски со прифаќање на Договорот од Преспа и Протоколот за НАТО, амандманите нема да важат.

Според Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ, не поминува намерата на СДСМ дека привремената референца ФИРОМ се заменува и потенцираше дека со промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија ќе има нова држава и нов идентитет. Тој исто така посочи дека во овој период од владеењето на СДСМ нема резултати, ниту проекти, ниту „животот“ што го ветуваше власта.

– Не верувам дека не ве копка иднината на својата држава, му реплицираше Заев на Димков, повторувајќи дека земјата и јазикот ќе бидат признаени од сите, а Македонија ќе стане дел од сите меѓународни институции.

Во однос на Македонците во Грција и во Бугарија, премиерот посочи дека за нив, особено за Егејците, не е направено речиси ништо во изминатите 27 години од независноста на Македонија, и дека сега со овој договор има шанси македонскиот јазик да се изучува во Грција.

Премиерот во една од контрарепликите на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека не може партија како неговата да нема став и оти со овие амандмани конечно ќе имаме признаена држава од цел свет и оти никој нема да го оспорува македонскиот народ и македонскиот јазик.

– Сте за ЕУ и НАТО, ама не сте за Договорот од Преспа. Не може да нема став опозицијата, рече Заев.

Повтори дека референдумот е успешен, но дека одлуката не е донесена.

Ставот за промена на името на земјата и на Уставот, според координаторот Мицевски, Заев требало да им го соопшти на граѓаните во предизборието, кога ветуваше плата од 500 евра.

– ВМРО-ДПМНЕ и тогаш и сега јасно си го кажува ставот, а одговорноста ја преземаме со гласање на реформските закони, рече Мицевски.

Седницата ќе продолжи по редовната пауза од еден час. Пријавени за забор за XXXIII амандман се околу четириесетина пратеници.

Во Собранието денеска започна расправата за нацрт- текстот на четири амадмани на Уставот на Република Македонија, во согласност со Договорот од Преспа со кој, меѓудругото, се предлага менување на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија.

Слични содржини