Заев: Нема да има врзан потпис со Груби

од Vladimir Zorba
365 прегледи

Претседателот на СДСМ и иден премиер, Зоран Заев, по состанокот на Централниот одбор на партијата, изјави дека првиот вицепремиер ќе биде задолжен да го менува кога тој ќе биде отсутен.

Тој ги негираше информациите дека ова е вовед во федерализација и дека ќе има врзани потписи.

„Прв вицепремиер значи оној што го менува Заев кога е отсутен за водење седница или прием на делегација и слично. Се знае дека премиерот потпишува, нема никакви врзани потписи. Идната Влада планирам да има четворица вицепремири, тројца се на предлог на СДСМ, а еден од вториот парнер по големина – ДУИ. Ќе биде именуван како прв вицепремиер. Ова е за подобра координација меѓу двете политички партии во делот на преземањето на одговорноста и честа којашто се дава од граѓаните, а со цел ефикасни и ефективни одлуки. Именувањето „прв вицепремиер“ е за да дадеме важност на функцијата“, појасни Заев.

Лидерот на СДСМ појасни и што ќе работи вицепремиерот за борба против корупција, која ќе ја врши генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

„Имаме дефинирани сектори и одделенија за борба против криминалот и корупцијата во многу институции во државата. Тие си ја задржуваат својата изворна надлежност. Ако сакаме да постигнеме навистина резултати коишто не ние политичарите ќе ги кажеме, туку граѓаните, успешното координирање на ваквите процеси ќе дадат еден успех повеќе. Зашто прво за борба против криминал и корупција е Јавното обвинителство и судските органи. Тие по Устав и по Закон си ја имаат својата надлежност. Тој може да се постави и во делот на превенцијата, и во делот на докажувањето, спроведувањето на етичките кодекси, организирање на самите институции“, рече Заев.