Во рамки на петтиот пакет економски мерки, првата мерка ќе биде финансиската помош за исплата на плати за вработените, која ќе изнесува 1 милијарда и 920 милиони денари, за овој и следниот месец годинава, а со истата ќе бидат опфатени околу 60.000 работници на месечно ниво, појасни премиерот Заев на својот фејсбук профил.
Заев истакна и дека финансиската поддршка, ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен, за да се поддржат работните места во домашните компании, во зависност од падот на приходите на компанијата.
„Продолжуваме да го стимулираме развојот на компаниите. Имаме сериозни и чесни компании кои инвестираат, вработуваат, придонесуваат и ја ценат сопствената држава. Но, имаше и такви кои ги злоупотребуваа народните пари.Државата секогаш ќе стои на страната на оние кои работат чесно, согласно законот, вложуваат во нови инвестиции и сопствениот развој, во развојот на кадрите и на општеството, а силно ќе се бориме против злоупотреби и против сивата економија“, се вели во фејсбук објавата на премиерот Заев.