Претседателот на Владата Зоран Заев денеска заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски како и Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителката на Ју-ен жени (UN Women), тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените, во Градскиот парк во Скопје, заедно со претставници на Националната федерација на фармери, присуствуваа и се обратија на доделување на 11, од вкупно 250 договори за грант, од програмата „Рурални жени” на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, што ја спроведува Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Истакнувајќи ја целта на мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство”, која е во насока на подобрување на целокупните резултати од работењето на земјоделското стопанство и достигнување на повисоки стандарди за подобрување на квалитетот на земјоделско производство и за намалување на трошоците во работењето, премиерот Заев им честиташе и им посака успех на претприемачките кои ќе добијат финансиски грант во висина од 180.000 денари за набавка на опрема, која ќе им помогне во нивните досегашни и идни активности.
„Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика ќе ги направат сите неопходни чекори за остварување на определбите утврдени во Декларацијата за подобрување на економскиот и социјален статус на руралните жени. Институциите работат во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој”, посочи премиерот Заев, повторувајќи дека земјоделството и производството на храна се шанса за успех, а пандемијата со вирусот КОВИД-19 уште повеќе ја нагласи потребата, населението да биде обезбедено со здрава, квалитетна и разновидна храна од македонско производство.
Грантот за руралните жени од мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство” е само една од повеќето мерки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за директна поддршка на индивидуалните земјоделки и земјоделци како што уште и грантот „Млад земјоделец”, како и поддршка за стартување на нов агробизнис.
Премиерот Заев информираше дека постапката за доделување на грантот е спроведена откако претходно беа слушнати и прифатени укажувањата и препораките за допрецизирање на критериумите кои стигнаа преку претставниците на Националната федерација на фармери и ја потенцираше важноста на искористување на мерките од ИПАРД програмата кои се вистинска можност за осовременување на земјоделското производство.
„Следуваат повици за земјоделско земјиште, инвестиции, зелена нафта и за мерка од ИПАРД која ќе финансира инвестиции во рурални средини како сместувачки и угостителски капацитети, домови за стари лица, капацитети за обработка на дрво, пчеларство итн. Годинава заеднички ќе направиме сѐ за да ги искористиме максимално средствата наменети за агросекторот и руралниот развој. Имаме ресурси”, упати порака премиерот Заев прецизирајќи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и Платежната агенција се ставени во систем, за да се овозможи информациите да допрат до земјоделците за максимално да се искористат достапните средства и знаење.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа изрази задоволство од поттикот и храброста кои се јавуваат кај жените од руралните подрачја, како вистински носители на земјоделските семејства и кои искористувајќи ги мерките ги јакнат позициите во општеството и водат кон подобрување на социјалната реалност.
„За ова зборуваат и фактите од нашиот Единствен регистер на земјоделски стопанства, според кој бројот на регистрирани жени-носители на земјоделски стопанства постојано расте. Па така, ако во 2019 – та година биле регистрирани 36.048 жени, денес тој број изнесува 38.241, што значи дека имаме зголемување за 2.193 жени, кои регистрирале земјоделско стопанство. Ова е голем раст и показател дека мерката дала резултати. Сме успеале да ги поттикнеме нашите рурални жени да се регистрираат и да аплицираат”, рече министерот Хоџа истакнувајќи дека наместо првично планираните 100 договори Владата успеала да обезбеди средства за финансиска поддршка на сите жени кои аплицирале и ги исполниле условите.
„Успеавме првично предвидените девет милиони денари да ги зголемиме на 40 милиони денари, со што овозможивме вкупно 250 жени да добијат грант од по 3.000 евра”, рече Хоџа истакнувајќи ја посебно поддршката од Телото на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women), кои партиципираа во креирањето и реализацијата на мерката „Рурална жена”, како и невладиниот сектор: Националната федерација на фармери, Рурална мрежа, Рурална коалиција, како и Министерството за труд и социјална политика и Факултетот за земјоделски науки и храна и изрази уверување дека во иднина бројот на грантови ќе се зголемува.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, во своето обраќање се задржа на линиите на производство кои со оваа мерка се поддржуваат и тоа производство на сточна храна, опрема за производство на мед и производи од пчели, опрема за млин, молзачки капацитети, калапи за сирење, машини за преработка и мелење на месо и останата преработувачка опрема, набавка за опрема за винарство, со што ќе развијат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност во македонската економија токму во руралните средини, со што несомнено се поттикнува рамномерниот регионален развој.
Весна Ивановиќ-Кастаред во име на канцеларијата на UN Women во Скопје изрази големо задоволство за денешниот настан, кој го оцени како особено значаен не само за жените земјоделки, добитнички на финансиска поддршка, туку и за целокупното унапредување на родовата еднаквост во секторот на земјоделството.
Раководителката на Ју-ен жени (UN Women) истакна дека жените во руралните средини се клучни за постигнување на трансформативни економски и социјални промени потребни за одржлив развој и токму затоа во рамки на својата програма за Промоција на родово одговорни политики и буџети, Ју-ен жени работи на воведување на родовата перспектива во процесите на креирање политики и буџетирање во земјоделството и руралниот развој.
Таа подвлече дека соработката со Владата, невладините организации и другите инволвирани институции придонесува да се создаваат позитивни политики кои одговараат на жените-земјоделки и изрази задоволство за покажани позитивни резултати од 2018 година преку потпишувањето на Декларацијата за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини, оценувајќи го тоа како голем исчекор во унапредување на родовата еднаквост, со надеж дека е добар почеток на нови и поголеми иницијативи кои навистина ќе го променат животот на жените и мажите во земјоделството.
Од име на Националната федерација на фармери и жените-претприемачки се обрати, госпоѓата Васка Мојсовска која позитивно ги оцени новите критериуми за мерката 115, за директна поддршка за жените од руралната средина оцени дека ќе има позитивен ефект за јакнење на руралната жена посебно во нејзино подобрување на нејзиниот економски и социјален статус. Мојсовска додаде дека како организација во дејствувањето имаат поддршка од Шведската развојна организација „We Effect”, посебно во делот на економско јакнење на малите земјоделци со цел да се чуе нивниот глас, со посебен осврт на жените и младите во руралните средини.
Присутните денеска, по повод доделувањето на дел од договорите за грантови за реализација на инвестиции во земјоделството и руралниот развој на жени-претприемачи изразија уверување дека ќе продолжат да даваат поддршка на растот и развојот на агросекторот.