Заев се уште во работна посета на Луксембург: На денешната агенда средба со Бетел

311 прегледи

И денес, премиерот на земјава, Зоран Заев се наоѓа во работна посета на Луксембург, каде според денешната агенда ќе се сретне со неговиот колега, Ксавиер Бетел.

Заев придружуван од министерот за финансии, Фатмир Бесими, во текот на вчерашниот ден се сретнаа со министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, од кого пак, добија безрезервна поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. Заев и Бесими имаа и работен состанок со претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер и со потпретседателката на банката Лилјана Павлова.

ЕИБ, како што изјави Заев по средбата, подготвува пакет за финансиска поддршка во пост-ковид периодот за рестарт на економијата и враќање на развојот од пред кризата. Од ЕИБ, според владината прес-служба, се најавени нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија во текот на годинава.

На средбата е нагласено дека Европската инвестициска банка е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со нашата Влада и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел.

Потенцирана е поддршката за спроведување на двата клучни проекти во моментов во Северна Македонија за кои земјата аплицираше на последниот повик за инвестициски грантови во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан – Пречистителната станица во Скопје и третата фаза од железничкото поврзување по Коридорот 8, источното крило кон Бугарија.

Слични содржини