Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во изјавата за медиумите по средбата со координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи и пратеници од коалицијата составена од Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива истакна дека во фокусот на средбата биле разговорите за измени и дополнување на Законот за државјанство.
На средбата на која присуствуваат и министерот за правда Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, премиерот Заев посочи дека разговорот бил конструктивен и во следните денови ќе се финализираат деталите за добивање на трајно решение од интерес на граѓаните кои немаат државјанство.
„Верувам дека во следните неколку дена интензивно ќе работат службите, пред сè јавната администрација и извршната власт, којашто денеска беше овде претставена, за да ги разгледа и разбере сите овие предлози кои ги дадоа двете опозициони партии АА и Алтернатива. Но, исто така очекувам да ги согледаат сите аргументации коишто беа дадени од соодветните министри во делокругот на оние предлози кои беа дадени од страна на извршната власт.
Така на тој начин ќе потврдиме сите, дека сме за трајно решавање за оние наши граѓани кои немаат државјанство да добијат државјанство, а притоа тоа да биде согласно европските конвенции за државјанство, согласно меѓународната регулатива за државјанство и согласно сето она што претставува одржливост на решенијата за државјанство. Така што извадивме и примери кои постоеле од 2004 година во кои се решени многу повеќе илјади граѓани и тоа искуство ќе го искористиме се со конечна цел да имаме трајно одржливи решенија.”, вели Заев