Лидерот на СДСМ Зоран Заев се закани дека веднаш ќе почне да објавува нови бомби ако ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го вратат во Собранието законот за забрана на објавување на бомбите.

Овој закон е повлечен откако беше своевидна бомба за преговорите на работните групи на четирите партии и го одложи договорот за изборните правила, а беше и жестоко критикуван од медиумската заедница и јавноста.
Ако ваков закон каков што предложија Талад Џафери и Мукоски, односно, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, биде повторно ваков предложен во Собранието на Р. Македонија, ќе слушаме бомби од парламентарна говорница едно 20 години и ќе читаме транскрипти плус, дополнително, уште 10 години. Така да, такво законско решение нема шанси да се донесе во Македонија и тоа во стилот на Талат Џафери и блокадата на законот за бранителите. Така да, бегање од оваа работа нема, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Во меѓувреме пратеникот на ДУИ Талат Џафери најавува дека ќе го стори токму спротивното – има намера да го врати во Собранието истиот закон што го поднесе заедно со Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, доколку законот не се доработи за да се утврди што треба да се забрани кај бомбите на опозицијата.
Тоа е договорена работа на политичките партии и до 20 ти треба да има усогласен текст. Доколку тоа не се случи тогаш имам подршка од сите партии законот повторно да го вратам во процедура, изјави пратеникот на ДУИ, Талат Џафери.
Според лидерот на опозицијата ваквиот потег на владејачките партии е кршење на договор кој го постигнале по летните одмори.
Заев вели дека единствено е договорено да се забрани објавувањето на прислушувани разговори кои задираат во приватноста на граѓаните за да се спречи злоупотребата на бомбите.